Златко Теодосиевски и Донка Барџиева Трајковска остануваат соработници на Министерството за култура како дел од повеќе работни групи, кои се активни и работат на прашања во одредени области на културата. Нивниот ангажман со почетокот на оваа година им се прекинува само во делот на нивната советодавна функција, како советници на министерот.
Ова е одговорот на Министерството по реакциите во јавноста околу одлуката на министерот Асаф Адеми за разрешувањето на двајцата советници, што е сторено без никакво образложение.
Министерството за култура натаму потенцира дека цврсто стои на заложбите за остварување на реформските процеси кои ги најави, како и на усвоената Стартегија за култура 2018-2022 година и ги продолжува сите започнати реформски процеси по акцискиот план на овој стратегиски документ. Во таа смисла, Министирството посветено, со непрекинато темпо продолжува на работата на Законот за јавниот интерес во остварување на културата и на новиот закон за заштита на културното наследство.
Министерот Адеми ги известил надворешните соработници, неговите советници Златко Теодосиевски и Донка Барџиева Трајковска, дека повеќе нема потреба од нивните понатамошни ангажмани како стручни советодавни лица за креирање на културни политики за 2019 година.
Двајцата беа членови на работната група за ревизија на проектот Скопје 2014. Теодосиевски е и координатор на Националната стратегија за култура 2018- 2022. Стратегијата беше започната од поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски и беше најавена како суштински документ кој ќе биде водилка во стратешкото спроведување на новите културни политики на новата Влада, кои ќе доведат до вистински промени и ќе придонесат до поголем квалитет, вклученост, одржливост и напредок за културата и уметноста во нашата земја на подолг рок.
Барџиева – Трајковска работи и на измените на Законот за заштита на културното наследство, како и на создавање на листата на културното наследство, но и на ревизијата на работата на Управата за заштита на културното наследство.
Comments are closed for this post.