Нови или изменети закони, реформи, мерки. Што се стапува на сила од оваа 2019 година од областа на економската сфера. Даночна и пензиска реформа, либерализација на пазарот на струја, закон за трговија на зелените пазари, закон за јавни набавки се само дел од новините.
Една од најзначајните измени е прогресивното оданочување кое предизвика многу бурни рекации на бизнисмените, коморите и експертите.
Стапува на сила прогресивното оданочување.
Ова е една од новините која почнува да се применува од први јануари 2019 година. Наместо рамен како што беше досега, Владата воведе прогресивен данок, а како праг на оданочување ќе се зема приходот од 90 илјади денари. Новата даночна реформа значи дека за делот од доходот кој надминува 90 илјади денари ќе се плаќа 8% повеќе, односно 18% персоналец, а до 90.000 денари персоналниот данок останува 10 отсто. Со реформата се опфатени 1 % од населението со највисоки примања. Во буџетот би се слеале дополнителни 25 милиони евра, пари кои како што кажаа од Владата ќе бидат потрошени за борба со сиромаштијата. Владата не се откажа од имплементацијата на прогресивниот данок и покрај острите критики и забелешки од сите стопански комори во земјава кои критикуваа дека не е вистинско време за воведување на прогресивен данок и дека ефектите ќе бидат многу мали.
Стапува на сила и пензиска реформа
Придонесот за пензиско и здравствено осигурување се зголемува за 0,5 отсто, се воведува државна социјална пензија за околу 6.000 граѓани, кои имаат над 65 години. На 28.000 граѓани ќе им се овозможи од вториот пензиски столб да се вратат во првиот. Ова се реформите кои се имплементираат од 2019 година, а се со цел како што истакнаа од министерството за труд и социјална политика, стабилизирање на Фондот и намалување на дупката од 310 на 275 милиони евра годишно. Реформите во пензискиот систем треба да овозможат праведна и стабилна исплата на пензиите. Нема да има зголемување на старосната граница и нема да има замрзнување на пензиите. ММФ ги поздрави реформите, но препорача зголемување на старосната граница за пензионирање.
Либерализација на пазарот на електрична енергија
Од 1 јануари стапува на сила и либерализацијата на пазарот на електрична енергија. Тоа значи дека сите потрошувачи на електрична енергија можат да се снабдуваат со електрична енергија на слободен пазар, на фер и транспарентен начин. Целта на воведувањето на овој модел кој веќе функционира во повеќето европски земји е зголемување на понудата за потрошувачите и зајакнување на конкурентноста на пазарот.
Во процес е и избор на универзален снабдувач, а ЕВН и Елем трејд се двете фирми во конкуренција за избор на универзален снабдувач – фирмата која ќе испорачува струја до сите домаќинства кои нема да излезат на слободен пазар. Единствено овие две фирми се јавија на тендерот. Ќе следи период на евалуација на понудите. Ако се одолговлечи постапката за избор на универзален снабдувач, граѓаните струјата ќе ја добиваат од ЕВН.
Битно за граѓаните е да се знае дека универзалниот снабдувач за разлика од фирмите кои ќе бидат на слободниот пазар ќе работи по регулирани цени од страна на регулаторната комисија за енергетика.Од Регулаторната комисија за енергетика очекуваат дека цената ќе остане непроменета за домаќинствата и ќе биде поповолна на регулираниот пазар, имајќи ги во предвид овие цени кои се на слободниот пазар. Од Регулаторна веќе соопштија и дека со новите правила во енергетскиот сектор на располагање на граѓаните им останува и користењето на дневната евтина тарифа на струјата.
Закон за трговија на зелени пазари
Од наредната година стапува на сила и законот за трговија на зелените пазари. Законот предвидува лиценцирање на пазарџиите и забрана на зелените пазари да продаваат пензионери, вработени, хонорарци. Пазарџиите ќе треба да почнат да се снабдуваат со лиценци, Лиценцата еден пазарџија за една тезга годишно ќе го чини 60 евра во денарска противвредност, додека за втора, трета или секоја следна тезга дополнителни 40 евра. Комората на трговците чиј претседател е Екрен Долек е единствената која има право да ги издава лиценците. Од Стопанската комора на Македонија пак велат дека со овој закон постои опасност повеќе од 6000 закупци на тезги да останат надвор од зелените пазари и дека нема предуслови да почне да се применува. Затоа побараа негово одложување.
Сепак неизвесна е неговата примена, затоа што според собраниски извори, стартот на законот најверојатно ќе се одложи и дека се планира да почне да се применува од септември следната година
Електронско пријавување на данок
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход предвидено е Управата за јавни приходи од 1 јануари 2019 година да изготвува пополнета Годишна даночна пријава за сите граѓани – физички лица кои оствариле приходи во текот на 2018 година. Пополнетата Годишна даночна пријава (ПДД-ГДП), Управата за јавни приходи ја доставува до граѓаните најдоцна до 30 април 2019 година преку системот e-pdd.ujp.gov.mk. За да може УЈП да ја достави пополнетата Годишна даночна пријава на увид на граѓаните преку системот e-pdd.ujp.gov.mk, како и за да можат граѓаните да ја исполнат својата законска обврска – да ја потврдат точноста или да ги коригираат податоците од пополнетата Годишна даночна пријава преку системот e-pdd.ujp.gov.mk најдоцна до 31 мај 2019 година, потребно е навреме да се регистрираат на системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk
Обврска за регистрација во системот е-Персонален данок има секое физичко лице кое во текот на 2018 година остварило приходи по било кој основ (плата, регрес за годишен одмор, приходи од закуп, од добивки од игри на среќа, од странство и други приходи кои подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход), заради прием на пополнетета Годишна даночна пријава (ПДД-ГДП) од УЈП, како и заради потврдување или коригирање на податоците за приходите и платениот персонален данок. Истовремено, преку исполнување на оваа обврска граѓаните ќе имаат можност преку системот e-pdd.ujp.gov.mk да проверат дали приходите кои ги оствариле се соодветни во однос на искажаните од исплатувачите, а со цел да се спречи евентуална злоупотреба во врска со нивните лични податоци и примања.
Помалку плаќање во кеш
Почнувајќи од 1 јануари 2019 година износот за кој се забранува плаќања за стоки и услуги со готовина ќе се намали на 1.000 евра, додека од 1 јуни 2019 година тој износ ќе се намали дополнително на 500 евра во денарска противвредност. Оваа забрана важи за плаќањата кои ги прават и физичките, но и за правните лица.
Со измените на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам од 7 јули се забрани плаќање со готовина на стоки и услуги во износ над 2.000 евра во денарска противвредност. Претходниот праг за плаќање во готовина беше 15.000 евра.
Сите еднократни плаќања, како и повеќе очигледно поврзани трансакции ќе мора да се прават преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги.
Закон за јавни набавки
Новиот закон за јавни набавки треба да почне да се применува во текот на следната година. Она што е најважно е што се воведува економски најповолната понуда како единствен критериум за доделување на договорите. Примената на овој критериум може да вклучува три различни пристапи: само цената, само трошокот или најдобриот сооднос помеѓу цената и квалитетот. Независно од тоа кој пристап се користи, при евалуација на понудите секогаш треба да се вклучи економски елемент. Со воведувањето на економски најповолната понуда како критериум за доделување на договорите, освен што се врши усогласување со директивите од 2014, се отстрануваат и повеќекратни негативни ефекти од досегашното користење на критериумот најниска цена.
Се воведуваат и низа мерки кои ги подобруваат условите за вклученост на малите и средни претпријатија во јавните набавки.Со поголема застапеност на малите и средни претпријатија во јавните набавки, договорните органи ја прошируваат базата на потенцијални понудувачи и се зголемува конкуренцијата
Comments are closed for this post.