Колеги, пријатели, студенти и неговите најмили присустувале денеска на последното испраќање на македонскиот драмски писател Горан Стефановски кој денеска беше кремиран во Кентербери, Англија, во Бархам Крематориум.
Стефановски бил испратен со македонската песна „Зајди, зајди“ во изведба на на Александар Сариевски и со Strawberry Fields Forever на „Битлси“.
Неговите студенти започнале петиција една од зградите на Универзитетот во Кент каде што тој беше професор ѕвезда, да го носи неговото име.
Пепелта по негова желба во пригодна прилика ќе биде расфрлана во водите на Охридското Езеро.
Стефановски е автор на легендарните, популарни и на над 20 јазици преведени драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат. Неговата соработка со режисерот Слободан Унковски, од 1980-те па со децении натаму, создаде претстави кои беа во врвот на театарската уметност во регионот.
Роден во Битола на 27 април 1952, во театарско семејство, дипломец е на англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет во Скопје, а магистрирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград. Од 1986 беше професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) од 1979, а од 2004 е и МАНУ. Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.
Comments are closed for this post.