Дури 77 отсто од младите кои живеат во Република Македонија размислуваат да се иселат, пред се во земјите членки на Европската Унија, а причините за тоа ги наоѓаат главно во лошиот квалитет на живот во нашата земја, покажува истражувањето спроведено од Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), кое се заснова на анкета на млади лица на возраст од 15 до 29 години.
Директорката на ЦИКП, Марија Ристеска на денешната тркалезна маса на тема „Европска интеграција и младинска мобилност: како од одлив до прилив на кадар?“ рече дека посебен интерес им било да испитаат дали европската интеграција има поврзаност со младинската мобилност, со оглед на фактот што Европската Унија обезбедува различни програми на мобилност на млади.
По направената анализа на политиките, како што вели таа, политиките за млади воопшто не одговараат на потребите што ги имаат.
Првенствено имаме многу малку механизми со кои одговараме на потребата на младите да бидат вклучени во процесите на креирање политики, мала вклученост на младите во целокупното општествено живеење и нивното признавање како значаен актер во општеството, а има и многу малку расположливи средства за имплементација на политиките за млади, посочи Ристеска.
Амбасадорот на Република Франција, Кристијан Тимоние рече дека секогаш треба да се најде начин како младите да се задржат за да можат да творат во изградба и иднината на земјата, затоа што, како што посочи, тоа е и во насока на реформите што се спроведуваат во земјава. Но исто така, според него, тоа е во интерес и на Европската Унија затоа што, како што вели „нема да интегрираме земја која што ќе биде празна, односно во која што нема да постојат младите сили“.
Тимоние додаде дека е многу важно реформите што се во тек успешно да бидат завршени и токму затоа оваа студија е битна бидејќи истата може да придонесе кон приближување на земјата кон Европската Унија.
Comments are closed for this post.