На 15 ноември годинава „Ернст енд Јанг“ и други приватни фирми кои биле најмени за да спроведат финансиска ревизија во Пентагон, соопштија дека не можеле да ја завршат работата, објави магазинот „Нејшн“.
Конгресот нареди независна ревизија на Одделот за одбрана, најголемиот владин буџетски трошач – Пентагон зема 54 центи од секој долар на федерално ниво, откако Одбраната не можеше со децении самата да си направи ревизија на трошоците.
Фирмите заклучиле дека финансиските книги на Пентагон се „толку многу со книговодствени недостатоци, неправилности и грешки што сигурна ревизија едноставно не е можна“.
Заменикот секретар на одбраната, Патрик Шенахан се обиде да го покаже најдоброто лице во јавноста изјавувајќи им на новинарите: „Паднавме на ревизијата, но никогаш и не очекувавме да ја поминеме“, и додаде дека на одбраната треба да и се честита што направила обид да има ревизија. „Тоа е ревизија на 2,7 трилиони долари на организацијата, па фактот што се обидовме да имаме ревизија е значаен“, вели Шенахан.
Интересно, но иако во 1990 година е донесен акт во Конгресот за обавезни ревизии, сите сектори ја почитуваат одлуката, а само Пентагон дава отпор. Според истрагата на „Нејшн“, раководните лица во Пентагон и сметководителите сториле гигантска, неуставна измама во книговодството, намерно ги штелувале книгите за да го дезинформираат Конгресот и го покачувале буџетот за одбраната без разлика на воените потреби.
„Ако во Одбраната беа чесни тие ќе отидеа во Конгресот и ќе речеа: Сите овие предложени буџети кои ви ги претставуваме се корпа ѓубре“, вели Џек Армстронг кој поминал повеќе од пет години во Канцеларијата на општиот инспекторат во Одделот за одбрана.
Истрагата на „Нејшн“ заклучува дека на крајот се доаѓа до една цифра од која се врти во главата – 21 трилиони долари од финансиските трансакции меѓу 1998 и 2015 година не можат да се следат. За да се разбере големината на таа сума, експерти велат дека таа е петпати поголема од сите федерални трошоци во една година. Таа сума е поголема од американскиот БДП, најголемиот во светот тежок околу 18,8 трилиони.
Но, во оваа вртоглава сума не се земени предвид сите трошоци на Пентагон, туку во прегледот се наоѓаат само достапните податоци на ревизорите.
Comments are closed for this post.