Премиерот Христијан Мицкоски денеска во одговор на новинарски прашања појасни дека предложеното решение за полагање на правосудниот испит предвидува два дела, при што теоретскиот ќе може да се полага и на албански, турски или англиски јазик, додека практичниот дел ќе биде исклучиво на македонски јазик и кирилско писмо.
– Не постои таков правосуден испит којшто во целост се полага на албански јазик. Второ, решението кое што е испратено во Венециската комисија е следно – правосудниот испит се полага во два дела. Првиот дел е делот во кој што се полага теорија што е содржана до додипломските студии. И законот вели дека секој оној кој што го формирал своето високо образование во Македонија на јазик различен од македонскиот, може да избере тој дел да полага на тој јазик на кој што го формирал своето високо образование. Такви се три опции – на албански, турски и на англиски. И вториот дел, а тоа е делот кој што се симулира два судски процеси, кривичен и граѓански. Тој дел се полага на македонскиот јазик и кириличното писмо – кажа Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по пуштање употреба на детска градинка во Гази Баба.
Тој истакна дека е јасна одлуката на Венециската комисија на законот за употреба на јазиците и оти правосудниот систем има само франка лингва пристап, односно принцип, а тоа е владеење на право кое што се брани и се напаѓа на еден единствен јазик, а тоа е македонскиот јазик и кириличното писмо.
– Вториот дел од мојот одговор. Претпоставувам сведоци сте на тоа што го прави Демократската унија за интеграција. Јас жалам што после 20 години и неколку министри на ДУИ, не направиле никаков исчекор во решавање на овој проблем и сега дрско се обидуваат да нападнат некој кој се труди да направи чекор. Тоа е дрско однесување. И таквото однесување само служи за потпалување на меѓуетнички тензии, нешто што најмалку ни е потребно како држава. Ова не е етничко прашање ниту политичко. Ова е прашање на владеење на право. Имаме владеење на право или немаме владеење на право? Впрочем, ако го погледате извештајот на самата Европска Унија, ќе забележите дека Унијата повикува да се најде веднаш решение во рамките на Уставниот суд за употребата на билингвализмот или двојазичноста, односно повикува на она коешто го говори Венециската комисија – рече Мицкоски.







Comments are closed for this post.