Премиерот Христијан Мицкоски на денешниот брифинг со новинарите рече дека очекува успешно разрешување на состојбата со АЛТА банка АД Битола и оти е прилично убеден дека банката нема да заврши во стечај, туку ќе добие нов сопственик преку јавна берзанска аукција.

Тој детално ја образложи постапката што ја води Народната банка, одземањето на согласноста на досегашниот мнозински акционер АЛТА банка Белград и можностите за продажба на акциите на друг инвеститор.

Мицкоски нагласи дека процесот на стекнување квалификувано учество во банка е регулиран со закон и дека конечната одлука не ја носи Владата, туку Народната банка како надлежен регулатор.

Тој објасни дека првиот обид на групацијата АЛТА да влезе во сопственичката структура бил преку платежната институција АЛТА Пеј, но тој бил одбиен од Народната банка. Вториот обид, преку АЛТА банка Србија, бил одобрен, бидејќи, како што рече, ги исполнувал законските и регулаторните услови.

Премиерот посочи дека при купување банка постои повеќемесечна регулаторна постапка, по што купувачот објавува јавен повик до акционерите, кои доброволно одлучуваат дали ќе ги продадат своите акции по понудената цена. Откако ќе се исполнат условите за квалификувано учество, се објавува и соодветната одлука во „Службен весник“.

Мицкоски потсети дека на АЛТА банка Белград ѝ била одземена дозволата за работа од српскиот регулатор, со што се отворила услови за постапка за стечај. Поради тоа, Народната банка на Македонија ја повлече претходно дадената согласност за квалификувано учество на белградската банка во АЛТА банка Битола и воведе администрација во битолската банка.

Како што објасни во моментов течат роковите предвидени со закон за да се овозможи продажба на акциите. Тој објасни дека по истекот на рокот во кој српскиот регулатор може да се произнесе, следува постапка во која Народната банка ќе може да организира аукција и без формална согласност од српската страна.

Мицкоски најави дека потоа ќе следуваат дополнителни пет дена за лиценцирање на потенцијалните купувачи, кои мора да поминат регулаторна проверка. Почетната цена на аукцијата, според неговото објаснување, ќе се утврдува врз основа на просечната цена на акциите во последните шест месеци а тоа 3777 денари. Доколку нема заинтересиран купувач, ќе се организира нова аукција со намалување на цената за 10 проценти, сè до предвидениот минимум од 50 проценти.

Премиерот оцени дека постои интерес за преземање на банката и изрази уверување дека процесот ќе заврши успешно

Во однос на обвинувањата на опозицијата дека Владата дозволила влез на АЛТА банка и на нејзиниот сопственик Давор Мацура во Македонија, Мицкоски се повика на записник од 194-тата владина седница, одржана на 24 октомври 2023 година, за време на претходната влада предводена од СДСМ.

Според неговото толкување на документот, тогашната Влада, на предлог на Министерството за финансии, донела одлука државните правобранителни органи да ги преземат потребните активности за продажба на акциите што државата ги поседувала во АЛТА банка Белград, како резултат на сукцесијата на поранешната СФРЈ.

Со ова Мицкоски сакаше да укаже дека АЛТА банка и Давор Мацура не се појавиле во Македонија во 2025 година, туку дека и претходната влада имала институционални контакти со банката и постапувала во врска со нејзините акции.

Тој ги отфрли и обвинувањата поврзани со работењето на АЛТА во други држави, посочувајќи дека во Црна Гора станува збор за присуство на платежната институција АЛТА Пеј, а не на банката, додека во Австрија, според неговото објаснување, регулаторното одобрување за стекнување удел во Адико банка било дадено, а санкцијата следувала подоцна поради утврдени поврзаности со друг акционер и непочитување на правилата на Европската централна банка.

Мицкоски ја повика опозицијата да не создава, како што рече, непотребна хистерија околу состојбата со банката и порача дека доколку не може да помогне, барем да не го отежнува процесот.

Тој уверува дека дури и во најнеповолно сценарио, средствата на банката се доволни за намирување на доверителите, наведувајќи дека активата е за 50 проценти поголема од пасивата. Сепак, нагласи дека стечајот не е сценарио што го очекува и дека неговите очекувања се оти банката наскоро ќе добие нов сопственик.