Полскиот премиер Доналд Туск упати апел до политичарите да не ја користат трагедијата за политички цели по нападот во Краков, Полска, во кој загинаа шест лица, а уште 12 се повредени.

„Најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на жртвите. Им оддавам признание на храбрите полицајци кои ги ризикуваа своите животи. Искрено ги повикувам политичарите од сите страни – не си играјте со оваа трагедија. Ќе ги разјасниме сите околности на ова злосторство“, напиша Туск на Икс.

Според Ројтерс, полскиот премиер отпатувал во Краков, а претходно соопштил дека редовно добива информации од министерот за внатрешни работи за истрагата. Министерот за одбрана Владислав Кошњак-Камиш изјави дека надлежните служби интензивно работат на случајот.

Полицијата претходно за АФП изјави дека вооружениот напаѓач отворил оган врз минувачи во туристичкиот центар на Краков. Новинар на АФП видел луѓе како лежат на земја, бројни амбулантни возила и вооружени полицајци.

Околу 15 часот, еден маж влегол со автомобил на главниот плоштад, кој бил преполн за време на викендот, и почнал да пука на случаен начин, според портпаролот на локалната полиција.

„Сторителот бил неутрализиран од полицијата и претрпел прострелна рана… пет лица биле убиени, а околу десетина биле ранети“, рекол изворот.

Вооружениот напаѓач бил однесен во болница, каде што лекарите се борат за неговиот живот.

„Според информациите од полицајците, човекот бил облечен во воена униформа“, изјавил портпаролот на полицијата за новинарите. „За време на апсењето, полицајците користеле оружје, но човекот возвратил на оган; како резултат на тоа, двајца полицајци биле меѓу повредените.“