Билатералните прашања меѓу Црна Гора и Хрватска не се дел од процесот на преговори со Европската унија, но мора да се решат, изјави комесарката за проширување Марта Кос. Таа објасни дека понатамошниот напредок на Црна Гора зависи од согласноста на сите 27 земји-членки. Со оваа изјава таа како да навести што ќе се случи со Македонија и доколку ги внесе Бугарите во Уставот.
Денеска Кос од Црна Гора изјави дека пред кандидатите се клучни недели и месеци.

„Тука би го разграничила техничкиот процес од поддршката што секоја земја-кандидат мора да ја добие од сите 27 членки на Европската Унија. Она што го постигнавте во Црна Гора во последните три години навистина се случува еднаш во животот. Направивте огромен напредок и навистина сум горда на вас. Се надевам дека и вие во Црна Гора сте горди на себе“, рече Кос.
Таа нагласи дека продолжувањето на европскиот пат бара согласност од сите земји-членки. „Направивте речиси сè на тоа ниво, ни треба само малку повеќе. Но, ако сакаме да одиме понатаму во овој процес во Брисел, ни треба согласност од сите 27 земји-членки. Хрватска има свои интереси и отворено зборува за нив“, рече таа.
„Драго ми е што Црна Гора презеде одредени чекори во последните денови и што постои дијалог меѓу Хрватска и Црна Гора. Мислам дека сте на вистинскиот пат да ги решите и овие билатерални прашања. Тие не се дел од процесот на преговори, но поради сè што објаснив, тие мора да бидат решени“, додаде таа.







Comments are closed for this post.