Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва по седницата на Извршниот комитет на партијата го соопшти предлог составот на неговиот нов Владин кабинет по разговорите со коалициските партнери „Вреди“ и ЗНАМ за владина реконструкција.

Мицкоски соопшти дека нов министер за здравство ќе биде Сашо Клековски, досегашен директор на Фондот за здравствено осигурување, а на негово место ќе дојде Златко Перински, досегашниот министер за локална самоуправа.

Предлог за нов министер за социјална политика, демографија и млади е Ѓоко Велковски, досегашниот заемник-министер.

Ова се два нови ресори со кои во иднина ќе раководат кадри на ВМРО-ДПМНЕ.

Нов министер за локална самоуправа ќе биде Иван Стоиљковиќ. Министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на стратегијата за инклузија на Ромите ќе биде Ерџан Демир.

Една од позначајните структурни промени е одлуката да не се именува потпретседател на Владата задолжен за добро владеење. Мицкоски во денешното интервју на „Телма“ рече дека смета дека овој концепт е поефикасен доколку биде директно под ингиренции на неговиот кабинет.

Ценам дека како концепт би бил најпродуктивен доколку биде дел од мојот кабинет. Таму веќе имаме секретари задолжени за следење на реализацијата на програмата на Владата и за владините политики, истакна премиерот, додавајќи дека на овој начин се намалува бројот на членови на Владата, а се зголемува ефикасноста.