Последите податоци од Еуростат според кои основната потрошувачка кошничка во државава е најевтина во Европа ги демантираат сите кои не сакаат државава да успее, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Откако минатата недела имаше средби со претставници на ланците маркети, а најави разговори и со производителите и добавувачите со цел да се постигне поевтинување на основните производи по нивниот раст во изминатиот период Мицкоски потенцираше дека цените на основните прехранбени производи за него се врвен приоритет.
– Детално навлегуваме во оваа проблематика, лично јас се занимавам во идентификување на тие 600 производи коишто влегуваат во статистиката. И тоа го имам јас лично како врвен приоритет. Добро е што Еуростат излезе со параметар во којшто вели дека основната потрошувачка кошничка во Македонија е убедливо најевтина во Европа и е некаде отприлика 49,7 проценти од европскиот просек. Дали е тоа доволно? Не е. Но, тоа ги демантира сите оние кои не сакаат оваа држава да успее и кои не сакаат да ја видат Македонија горда и напредна и се практично сите оние зли јазици коишто создаваат лоша, тмурна атмосфера во општеството. И ваквите податоци, ваквите параметри ги демантираат тие антидржавни елементи во Македонија, изјави Мицкоски.
Тоа, оцени, не е доволно и треба да работиме и ќе работиме. – И јас лично, еве ви велам, работам на методологија на идентификување на тие 600-700 производи коишто статистички се мерат и директно на нив ќе одиме. Ако треба фактура по фактура, еден по еден производ ќе ги анализираме каде можеме да покачиме и како можеме да покачиме. Ова е темелна операција што лично ја водам и очекувам да има многу скоро резултати коишто ќе бидат видливи на терен – рече Мицкоски, по присуство на пуштање нова градинка во населбата Трубарево во општина Гази Баба.
Мицкоски минатата недела по средбата со претставниците на најголемите ланци маркети соопшти дека е дефинирана цел годишната стапка на промена на цените на основните прехранбени производи во јули годинава да биде под 3 проценти, а најави средба во таа насока и со производителите и дистрибутерите.
Во меѓувреме, како што најави Државниот пазарен инспекторат ќе прави споредбена анализа помеѓу цените на ист производ на добавувачите кон маркетите и цените на маркетите за тој производ кон потрошувачите за мај годинава споредено со мај лани. Целта, вели Мицкоски, е да се види што е тоа што креира состојба да имаме зголемени цени на основните прехранбени производи.лв/нд/







Comments are closed for this post.