Информативниот караван за презентација на мерките од Оперативниот план за вработување за 2026 година денеска продолжи со средби во Куманово, Гевгелија и Кавадарци.
Како што соопшти Министерството за економија и труд, во Куманово пред поголем број заинтересирани невработени лица се дискутираше за можностите, деталите и начинот за аплицирање на трите јавни повици од мерката за самовработување (претприемништво).
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески се осврна за мерките во Оперативниот план кои се директно наменети за младите лица, каде што тие имаат историски голема вклученост.
-Младите се во фокус на Оперативниот план, им даваме голем број на можности да се реализираат на професионален план, а со тоа и да останат дома и да го намалиме трендот на иселување, рече Ристески.

Покрај мерките за самовработување, каде што во подмерките се предвидени средства за 1158 млади лица, тие се вклучени и имаат предност во сите останати мерки.
-Во мерката „Поддршка за креирање на нови работни места“ за компаниите најголема поддршка во висина од 250.000 денари се предвидени за вработување млади лица, преку мерката „Младински додаток“ поддржуваме 3500 млади лица до 23 години кои работат во производни капацитети со додаток во износ од 3.000 денари месечно, за 1150 лица до 29 години финансиска поддршка за практикантство и многу други мерки. Младите се во фокус на Оперативниот план и во истиот е предвидено да се вклучат најмалку 5808 млади лица до 29 години или 56,1 проценти од вкупниот опфат, рече Ристески.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, се наведува во соопштението, ги повика жителите на општина Куманово да аплицираат на јавните повици од мерката „Самовработување“ и да добијат грантови од 7.000 до 10.000 евра за отворање сопствен бизнис.
Јавните повици за овие мерки се активни до 3 јули 2026 година.







Comments are closed for this post.