Почнати се градежните работи за Линијата 1 или т.н. градски воз. Вредноста на Договорот е 360 милиони денари, а проектот предвидува целосна реконструкција и надградба на постоечката траса.

Како што информира денеска премиерот Христијан Мицкоски, ова ќе значи побезбеден, побрз и поефикасен железнички сообраќај.

Дополнително, нагласи премиерот, изградбата на брза пруга на Коридор 10 останува еден од стратешките приоритети.

Преку Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство се обезбедени средства за капитални проекти со кои ја поставуваме железницата таму каде што и е местото – како клучна врска помеѓу Балканот и Европа. Ова не се изолирани проекти. Ова е системска обнова на железничкиот сектор, инвестиција во економијата, во екологијата и во европската иднина на државата. Железницата повторно ја враќаме на шините на развојот – со план, со одговорност и со јасна визија за модерна, поврзана и силна Македонија, истакна Мицкоски пред потпишувањето на Договорот за заем со ЕБОР вреден 20,9 милиони евра со кој е предвидена набавка на електрични локомотиви за ЖРСМ Транспорт.

Според премиерот, железницата мора повторно да стане двигател на извозот и логистиката, а не тесно грло на економијата.

Посебно важен е еколошкиот аспект. Со фокусот на електрични локомотиви, се движиме кон нула емисија на загадувачки материи. Ова е директен придонес во борбата против аерозагадувањето, во заштитата на животната средина и во развојот на чист, модерен и одржлив транспорт. Во услови на енергетска транзиција, железничкиот транспорт станува клучен фактор за ефикасен, конкурентен и еколошки одржлив систем. Инвестициите во електрични локомотиви и модерни коридори се целосно усогласени со владините политики за интеграција во европските транспортни мрежи, подвлече Мицкоски.