Пред почетокот на второто рочиште за судскиот процес околу пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, Јулија Златкова – мајката на трагично загинатиот Томас Златков – уште еднаш апелираше за правда и одговорност.

Облечена во црна маица со ликот на својот син, Златкова им се обрати на новинарите со порака дека по првото рочиште ѝ се појавила „искра надеж“ дека конечно може да се стигне до правда – надеж што, како што рече, ја добила од воведниот говор на судијката и Обвинителството.

„Повеќе од осум месеци живееме во агонија. Но по првото рочиште кај мене се појави една искра на надеж. Ние, родителите на загинатите деца, бараме само правда. Никој не растел дете за да стане херој, туку за да стане човек, а нашите деца ја платија цената на овој корумпиран систем“, изјави Златкова, пренесува „360 степени“.

Таа нагласи дека ниту едно семејство на починато дете не е дел од системот што, како што рече, дозволил трагедијата да се случи, но ги чувствуваат последиците од него. Во своето обраќање се осврна и на адвокатите на обвинетите, потенцирајќи дека ѝ е разбирливо што мора да имаат бранители, но дека е „чудно што најголем дел се од Кочани“.

„Барајќи правда, учиме дека во овој град живеат многу корумпирани луѓе. Дали немате малку совест и емпатија кога ќе нè погледнете нас, семејствата на убиените деца?“, порача Златкова.

За својот син Томас, кој бил трета година на факултет на отсекот Квалитет и безбедност на храна и сонувал да стане инспектор, таа вели:

„Да не го убиеја, сигурна сум дека ќе беше совесен инспектор. А не како овие што денеска седат на обвинителна клупа.“

Златкова побара правдата да има „имиња и презимиња“, а сите кои несовесно постапувале – од инспектори, до локални функционери и институции – да одговараат по закон.

„Кој му дозволи на монструмот да го убие моето дете и другите деца? Кој му помогна? Син му, брат му, обезбедувањето, полицајците, градоначалниците, инспекторите, министрите… Премногу сте. Ова не е убиство, ова е геноцид“, изјави таа.

Мајката истакна дека семејствата со нетрпение го очекуваат обвинителниот акт за полициските службеници за кои истрагата ја води ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.

„Мора да има правда за нашите убиени деца. Никогаш не смееме да ги заборавиме ако сакаме да имаме држава“, додаде Златкова.