Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет во врска со предметот за уривањето на спомен-куќата на авторот на македонската химна Владо Малески во Струга, информираат денеска од Обвинителството.
„Во врска со предметот за уривањето на спомен-куќата на Владо Малески, при вршење градежни работи во близина на објектот од страна на лице од Велешта, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет и на 16.10 јавен обвинител изврши увид на лице место во присуство на вешто лице од градежната струка. Наредено е вештачење, а се преземаат и други дејствија за испитување на околностите под кои се случил настанот“,се наведува во соопштението на Обвинителството.
При изведба на градежни работи на индивидуален објект во старото градско јадро беше срушен јужниот ѕид и дел од кровната конструкција од куќа заштитена како културно наследство.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, најави дека по оштетувањето на спомен-куќата на Малески веднаш ќе се започне со изработка на проект за обнова и реставрација на заштитениот објект.
„Најостро ги осудувам сите дејствија и неодговорни постапувања што доведуваат до уништување или загрозување на заштитени објекти. Културното наследство е непроценливо богатство кое не смееме да го загрозуваме од небрежност, од несовесност или од краткорочни интереси“,изјави Љутков од Струга и додаде дека инспекциската служба на Управата за заштита на културно наследство констатирала сериозни оштетувања.
Comments are closed for this post.