Македонското востание (познато и како Кресненско востание) е вооружен бунт на македонскиот народ против Отоманската империјатаа, покренат на 5 октомври 1878 (17 октомври, по нов стил), во селото Кресна и околните места во Пиринска Македонија. Востанието е кренато во екот на Големата источна криза (1875 – ’81), и главни негови водачи биле Димитар Поп-Ѓорѓиев Беровски и Стојан Карастоилов. Тоа завршило неуспешно во јуни 1879 година.
Востанието е познато како Кресненско востание, но изворниот, првичен назив на бунтот е Македонско востание – според тогашните документи. Причината за подоцнежните алтернативни називи веројатно лежи во тоа што и Мелничките четнички акции (1895) и Илинденското востание (1903) се нарекувани – Македонско востание, а историографијата има потреба од разграничување. Сепак, Македонското востание од 1878 – ’9. г., е првото востание, со македонски национален белег и особености.
Доказ за тоа се Штабот на Македонското востание со Воениот совет и сите други помошни востанички тела, „Устројството на Македонското востание“, „Правилата на Македонскиот востанички комитет“, каде што востаниците се повикувале на моќта на „Македонската војска на Александар Македонски“, а целта е „ослободувањето на Македонија – таа земја на славните словенски просветители и учители Св. Кирил и Методиј“; во своите „Спомени“, Натанаил Кучевишки (еден од организаторите), исто така, говори за Македонско востание итн. Според историчарот Александар Трајановски и „Златна книга: 100 години ВМРО“, Беровски бил началник на Штабот и нему му припаѓал познатиот Печат на Штабот на Македонското востание, којшто е зачуван и денес сведочи за македонскиот национален карактер на востанието.
„Со цел да се воведе ред во земјата каде што дејствуваат востаниците, решивме да претставиме правила, односно устав по којшто сите ќе се раководиме и сите ќе ги исполнуваме (правилата), сѐ додека не ја ослободиме нашата татковина Македонија!“, се вели во Правилникот.
Едвард Б.Б. Баркер, британски в.д. конзул во Солун, во писмо од 2. 11. 1878, до познатиот дипломат – сер Хенри Лејард, сведочи дека лично се сретнал со мелничкиот епископ Прокопиј, кој активно го помагал Востанието.
„Тој (епископот Прокопиј, з.п.), вели оти овие востаници, нарекувајќи се себеси ‘Македонци’, бараат голема сума пари за потребите на востанието, коишто ќе ги вратат кога ќе си ја вратат својата земја Македонија во посед“, пишува Баркер во своето писмо.
Димитар Поп-Ѓорѓиев Беровски (1840 – 1907)
Напоредно со организирањето на востаниците во Македонија, во Бугарија, поточно во (Велико) Трново и во Софија, бугарските националисти го создаваат Комитетот „Единство“. Гореспоменатиот владика Натанаил бил дел од оваа група и успешно ги искористил овие збиднувања за своја корист и лично издигнување во бугарското општество. Поддржан од софискиот митрополит Мелетиј, токму Натанаил во август – септември 1878 г. ги испратил руските офицери – Полјакот Лудвик – Луј Војткевич и Козакот Адам Калмиков, во Македонија.
Додека во документите и сведоштвата на македонските востаници се говорело за „татковина Македонија“, „слободна земја“ итн., т.е. одделна и самостојна македонска држава, според Ванче Стојчев и другите историчари, Комитетот „Единство“ ја следел великодржавната квази-иредентистичка бугарска доктрина.
Учеството и уделот на двајцата офицери од Царска Русија
Пред Востанието, летото, првиот продор на Калмиков и Војткевич завршил безуспешно. Веднаш потоа, како што раскажува историчарот Никола Минов, Натанаил се поврзал со Димитар Беровски, Илија „дедо Иљо“ Малешевски и другите македонски војводи, а утврдени се и ограноците на „Единство“ во Ќустендил, Дупница и Горна Џумаја (којашто тогаш била под руска окупација, но потоа, по Источната криза, не ѝ припаднала на бугарската власт). Но така, двајцата офицери од Царска Русија се поврзуваат со македонските востаници внатре во Македонија.
На 17 октомври, главниот војвода Стојан Карастоилов, поддржан од четата на капетан Калмиков, по 18-часовна борба ја зазеле Кресна. (Патем, рускиот Козак бил признат за „атаман“ – типична козачка титула.) Потоа следело и освојувањето на селата околу Кресненската Клисура – Оштава, Влахи, Каршијак, Градешница, Белица, навлегле во Малешевијата и, според некои историчари – на југ стигнале до планината Огражден, што значи дека востаничката територија се проширила и во денешна Вардарска Македонија – скоро до Ново Село кај Струмица.
Адам Калмиков првично бил доста промакедонски настроен. Во свое писмо од 9 октомври 1878, Козакот дури му се спротивставува на бугарскиот Џумајски комитет на „Единство“, на чело со Бугаринот Константин Босилков, којшто го избегнувал името Македонија и неговите изведенки.
„Вие се стегате да напишете ‘од Македонскиoт комитет’. Тоа име нема да загине, и поради тоа велам, без зборот ‘Македон’, Вашите писма ќе бидат враќани назад. И, молам – известете ги сите комитети“, пишува Калмиков.
Но, напоредно со утврдувањето на козачкиот капетан, во с. Брезница се сместила четата на полскиот мајор Лудвик Војткевич. Тука, се судираат славољубието и суетите на горделивите Полјак и Козак. Македонските востаници, вели Минов, при обликувањето на главниот Штаб во с. Влахи, дури и се труделе да им дадат еднакви титули на двајцата туѓинци. Притоа, Штабот го зачувал правото на раководството и организирањето на движењето.
И Калмиков и Војткевич го сакале главното раководно место во Македонското востание. Очигледно, кај нив преовладала личната амбиција и себичноста. Тоа водело само кон сплетки и заговори, т.е. продлабочување на поделбите и раздорот во раководството.
Затоа, македонските војводи ги протерале Калмиков и Војткевич. Но, без консултации со „Единство“.
Бугарите веднаш се спротивставиле на таа поголема македонска самостојност во одлучувањето. Уште наредната седмица – кон крајот на октомври великодржавниот бугарски Централен комитет во Софија испраќа 350 вооружени луѓе од Бугарија – претежно Македонци-доселеници, но предводени од Бугари. Во ноември, одредот на Бањо Маринов го освоил Банско, но самиот Маринов бил тешко ранет, па водството го презел не толку способниот Војткевич, и така, според историчарот Минов – Банско набргу повторно било заземено од турскиот аскер.
Неуспехот на Востанието
По протерувањето од Кресненско-Разлошката Околија, покрај Војткевич, „Единство“ го прибрал и Калмиков во Софија. По неговото сослушување, бугарскиот Централен комитет го известува својот горноџумајски огранок дека помошното тело ќе мора да ѝ се потчини на Софија, и по налог, Бугарите го задржале и затвориле Димитар Беровски во Горна Џумаја. Така, Калмиков е основниот виновник за пресвртот во успехот на Востанието.
Следно, бугарскиот Џумајски комитет составил привремено раководство, во коешто влегле и Калмиков – повторно како козачки „атаман“ и Војткевич како раководител. Тоа ќе рече – туѓинците-авантуристи чезнееле, не за севкупен успех, туку само за лична слава, и Бугарите им го удоволиле тоа.
Правилникот на Maкeдонското востание
После „апсењето“ на Димитар Беровски, најавторитетен водач на македонските востаници бил Стојан Карастоилов. Тој е следната жртва на руско-бугарскиот заговор за преземање на Востанието – бил убиен на спиење, на 25 ноември. Кусо потоа Калмиков преживеал обид за одмаздничко убиство, па избегал од областа на Востанието коешто – „обезглавено“, веќе згаснувало.
Тука некаде завршува првата фаза на Востанието. Следните обиди за востанички дејствија се во јануари 1879 година. Како директни водачи овојпат се обиделе Натанаил – „црнокапецот, Македонец кој повеќе влече накај бугарско“ (како што токму тогаш запишал Ѓорѓија Пулевски – еден од востаниците), како и Стефан Стамболов, како претставник на бугарскиот Трновски комитет „Единство“.
Димитар Беровски е ослободен од руско-бугарскиот затвор, и требало со својата харизма да ги собере повторно востаниците, кои не ги следеле дојденците од Бугарија. Но, следните неколку месеци руската војска ја напушта Горна Џумаја и градот се враќа под отоманска власт. Тоа ја зголемува апатијата меѓу востаниците, и на 6 јуни 1879 (нов стил), Натанаил прогласува распуштање на востаничките чети.
„Со народното свето дело, туѓинци си играат комедија“, пишува Димитар Беровски во писмо до оној кој го затвори сред востанието – Бугаринот Константин Босилков.
Историчарот Никола Минов во својот осврт на Македонското востание вели дека Беровски бил во право. Покрај неповолните геополитички состојби (тогашната меѓународна заедница, едноставно, сакала крај на Источната криза, без натамошно менување на границите на Балканот), и туѓинците – Бугари и авантуристите од Царска Русија, кои создавале раздори меѓу востаниците, се виновни за пропаста на Востанието.
Comments are closed for this post.