Непосредно пред почетокот на кампањата за локалните избори, закажани за 19 октомври, разговаравме со Мирослав Лабудовиќ, кандидат за градоначалник на Центар, како и заменик-министер за енергетика, рударство и минерални суровини. Лабудовиќ е кандидат од редовите на ЗНАМ, но поддржан и од ВМРО-ДПМНЕ.
Роден во Дебар Маало, денеска живее во Лондон Маало, вели дека е носталгичен по она мирно Дебар Маало кога бил дете, кога одел кај неговите баба и дедо, кога играле на улица, кога ретко поминува автомобил. Денес, коментира тој, Лондон Маало е дефинитивно помирното маало, каде се слуша детски џагор, се слуша детска среќа.
Го запрашавме Зошто центарци да гласаат за Лабудовиќ?
Лабудовиќ не е еден човек, тоа е цел тим. Кога почнавме да разговараме во партијата за локални избори, на ниво на цела држава, без да знаеме кои ќе бидат кандидатите, започнавме со анализирање на проблемите во сите општини и видовме дека имаме сериозни проблеми, меѓутоа на нашите проблеми имаме решенија. Во тимот со кој настапуваме на овие избори и во тимот кој понатаму ќе ја управува општината и директно и индиректно се луѓе кои сакаат искрено да се вложат во подобрување на целиот амбиент. Разговараме за концепти и системски решенија кои ќе ни ја олеснат работата. Општината е таа која во минатото генерирала проблеми, ајде ние како ново раководство да ги намалиме тие проблеми со кои се соочуваат граѓаните а се директни поврзани со општината. Разговараме за системски решенија во однос на паркирањето во Центар, за хигиената која мора да биде редовно и континуирано одржувана, зборуваме за Зелен центар, за садење, но и за одржување, со ситеми за наводнување. Зборуваме за селекција и управување со отпад, тоа е иднината. Секаде во Европа се селектира отпад, сами ние не. Зборуваме за ред кој ни недостига, зборуваме за култура, младите да творат, да имаат катчиња каде тие ќе се препознаат себе си. Спортот, да ги вратиме децата на терени кои ќе бидат редовно обновувани. Да не бидеме општина која ќе биде за граѓаните само пред изборите. Достапни ќе бидеме за сите граѓани. Настапуваме со чиста намера. Јас живеам во Центар и јас се фустрирам од она што го гледам кога ќе излезам надвор.
Вели, доколку влезе во Кабинетот, во првите 100 дена детално ќе се исчисти Општината, ќе се направи пресек, по што би се продолжило со редовно одржување на Центар. Во најкраток период, додава кандидатот на ЗНАМ, би направил ревизија на издадените градежни дозволи, кои го предизвикуваат тој урбан хаос.
Во однос на хаосот со паркингот, Лабудовиќ вели дека имаат точна анализа. Не би одел со финално решение, туку за се ќе има добра анализа на што ќе се заснова добро решение.

За загадениот воздух вели како една Општина не може да се исчисти воздухот, но со мерки може да се намали загадувањето.
-Мерките се редовно чистење на тој прав што се насобира на улицата. Потоа градилиштата. Кога ќе отидете некаде надвор гледате мрежа, затворен објект и кога ќе отидете повторно после една година на истото место гледате никнала зграда. Тоа не е тешко, а е една од методите да го задржиме поголемиот дел од правот кој се таложи на улиците и со еден ветар се разнесува низ целиот град. Потоа наплата на инвеститорите по кубик метар кога треба да срушат одредена зграда за да изградат објект. Тие средства ќе влезат во одреден фонд кој ќе биде наменет исклучиво за одржување и чистење на Општината. Целта е да се направи одржлив систем – коментира Лабудовиќ.
Свесен е дека се давиме во смет, но вели полните контејнери се еден проблем, но друг проблем е полнењето на корпите за џебни отпадоци со смет кој не е наменет за таму. Мора да се оди кон селектирање на отпадот.
На прашањето дали се чувствува безбеден да ги пушти сопствените деца, кои се петто одделение, сами пред зграда одговара:
Надвор пред зграда се уште не, секогаш се симнуваме и ние. Не сум безбеден, треба малку да пораснат. Факт дека ние бевме помали кога седевме сами пред зграда и сами се враќавме во школо. Имаме некои методи за поголема безбедност, пред се во сообраќајот. Го поздравувам Сејф сити, каде ќе има мониторинг на движењето. Со казните учесниците во сообраќајот ќе станат посвесни и поодговорни. Потоа маалските редари, порано што беа активни, треба повеќе да циркулираат низ Општината, како за безбедноста од било какви девијантни појави, така и во делот на уништување на урбаната опрема. Планираме да направиме безбедни рути до училиште. Од каде и да тргне детето да оди до училиште треба трипати да се симне од третоар да се симне на улица. Планираме со урбанистите да се направат безбедни рути, точно одбележани. Можеби детето ќе пооди минута-две повеќе, но ќе знае дека оди по безбедна рута – вели Лабудовиќ.
Во однос на хаосот на Зелен пазар, вели прво мора добро хоризонтално одбележување на паркингот, да не може секој секаде да паркира, да го отвори комбето и да продава. Од друга страна пак, оние кои пазаруваат да имаат каде кратко време да паркираат, со соодветна наплата на паркингот.
Во однос на маргинализираните групи кои циркулираат околу Зелен пазар, тоа се инситуционални проблеми, кои заедно со МВР и Министерството за труд и социјала ќе се решаваат, за тоа што тоа е една груба слика на најурбаната Општина. Исто и кај мене во маало има една таква група, се обидуваме да ја решаваме, но тоа е во континуитет. Сите сме луѓе, сите треба да добиеме соодветен третман, не секој ужива во животот со кров на глава, треба да им се помогне на овие групи – додава Лабудовиќ.

На прашањето дали Општината може да функционира доколку градоначалникот е од една партија, а мнозинството на советот припаѓа на друга партија, вели дека ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ќе го имаат мнозинството, но тој ќе биде отворен за сите.
-Кога ќе се изработува програмата за 2026 година, јас ќе ги викнам сите советнички групи и дел од нивните проблеми ќе ги вметнеме во програмата, бидејќи сигурен сум дека повеќето ќе бидат со добри проекти за граѓаните. Оние приоритетни програми кои може да влезат во Општината ќе влезат. Ако продолжиме да се делиме и тераме инает, само граѓаните ќе страдаат. Затоа концептот е сите заедно, со осветниците, да седнеме да ги ускладиме програмите и да продолжиме понатаму – ветува Лабудовиќ
Разговараше: Билјана Бабиќ
Видео: Александар Арсовски
Comments are closed for this post.