Бизнисменот и претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, Томислав Главчев потврди дека е подносител на кривичната пријавата против поранешните обвинители на распаднатото Специјално обвинителство, Катица Јанева, Лиле Стефанова и Бурим Рустеми.
Во изјава за МКД.мк тој вели дека сака да верува во правда и дека со сериозни чекори се работи во предистрагата која е почната во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција по поднесената кривична пријава во Министерството за внатрешни работи, а која се однесува на барање рекет за случајот „Поштенска банка“.
По седум години бизнисменот до детали се сети се денот, часот, датумот и годината на неговото приведување, но и на тоа дека обвинителката Стефанова е таа која постапувала по неговиот предмет во периодот кога се одлучувало за притворот.
Пред повеќе од 2 месеци поднесов кривична пријава за рекетирање и за измислување на докази против мене за случајот ‘Поштенска банка’. На 13 октомври 2018 година во сабота во 5 часот наутро бев приведен, за потоа, истиот ден во 20 часот да бидам спроведен во суд каде дојде обвинителката Лиле Стефанова со куп документи. Гледам има некоја изјава дека не постапувала воопшто по предмет во кој сум бил јас, но тоа е лага, бидејќи кога се одлучуваше за притворот против мене таа беше таму и таа постапуваше. Барањето за притвор беше отфрлено, а по ова обвинителката поднесе жалба која исто така беше отфрлена. Самите судии кои требаше да постапуваат во ‘Поштенска банка’ бараа изземање, а кога тоа им беше отфрлено кажаа дека ќе го водат предметот бидејќи мораат – вели во изјавата бизнисменот Главчев.
Тој не откри детали за тоа како и колку пари му биле побарани, бидејќи како што изјави постапката е во предистрага која е тајна и ќе почека да го види исходот.
Сакам да верувам дека е ова една сериозна предистрага и дека правда ќе има бидејќи страшно е со какви нешта се служеше бандата од СЈО. Случајот со ‘Поштенска банка’ заврши со запирање на постапката. Јас се надевам дека ова е едно поинакво време за разлика од тоа во кое постоеше СЈО и бандата, а се надевам и дека таа банда конечно ќе се распадне и нема повеќе да прави штети – вели Главчев.
Во случајот „Поштенска банка“ тој беше обвинет заедно со други лица за перење на 5 милиони евра.
Во МВР Главчев поднел кривична пријава против Рустеми, Јанева и Стефанова.
Целиот текст на МКД.мк
Comments are closed for this post.