Министерот за спорт Борко Ристовски денеска оствари средба со претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ на која се разговараше за иницијативата на двете институции насочена кон развој на македонскиот фудбал и на спортот воопшто.
Дискусијата на која присуствуваше и генералниот секретар на ФФМ, Дрилон Ганиу беше фокусирана на распределба на средствата од државниот буџет наменети за спортот, подобрување на инфраструктурата, инвестирање во програми од грасрут и националните натпреварувања.
Министерот за спорт, Борко Ристовски ја потврди заложбата за финансирање во фудбалот и упати порака за партнерски однос со ФФМ и поддршка на иницијативите на Федерацијата, нагласувајќи дека развојот на фудбалот се усогласува со националните спортски политики.
И министерот и претседателот на ФФМ ја истакнаа важноста на соработката во фокус на јавниот интерес. Се согласија со предлогот за подеднаква распределба на средствата од Министерството за спорт за клубовите кои ги исполнуваат условите за државна поддршка.
-Нашата заложба е да ја поддржиме Фудбалската федерација на Македонија. Фудбалот е јавен интерес и мора да помогнеме обезбедувајќи правичност и раст на сите нивоа, истакна министерот Ристовски.
На средбата се дискутираше и за плановите за подобрување на инфраструктурата на стадионите, подобрување на тренинг центрите и поддршка на младинските селекции.
-Ние сме луѓе од спортот и навистина не радува тоа што заедно со Министерството за спорт започнуваме новo ниво на соработка, професионализам и транспарентност. Ја цениме поддршката на Владата во создавањето услови за развој на спортот. Една од клучните работи за која се согласивме е распределбата на средствата од Министерството за спорт наменети за клубовите. Еднаквиот третман за сите е наш приоритет и тоа ќе го реализираме. Имаме јасна визија за вложување во фудбалот и спортот воопшто, а кога имате партнер кој точно ги знае потребите, тогаш е многу полесно, истакна претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.
На состанокот се зборуваше и за натпреварите од домашната лига, привлекување инвестиции и подобрување на севкупниот квалитет на македонскиот фудбал.
Comments are closed for this post.