Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која ја предводи македонската делегација на 79. Генерално собрание на ОН, денеска треба да се обрати на Самитот на иднината на тема „Мултилатерални решенија за подобро утре“ со учество на шефови на држави и влади.
Целта на Самитот на иднината е државите членки да ја зголемат меѓусебната соработка која, како што се нагласува, е се поважна за човековиот опстанок, но е тешко да се постигне во атмосфера на недоверба, користејќи застарени структури кои повеќе не ги одразуваат денешните политички и економски реалности.
На Самитот државите членки треба да донесат Пакт за иднината, но, според дипломатски извори, неизвесно е дали документот ќе биде усвоен денеска поради несогласувања со делови од неговата содржина од страна на Русија и уште шест други земји, јави известувачот на МИА од Њујорк. Преговорите за содржината на докуметот продолжија и во текот на ноќта, така што не се знае што ќе се случува денеска на овој голем собир што се одржува во ОН.
Во фокусот на Нацрт-пактот се човековите права, родот и одржливиот развој во сите поглавја. Содржи поглавја за одржлив развој и финансирање за развој, меѓународен мир и безбедност, наука, технологија и иновации и дигитална соработка, младите и идните генерации и трансформирање на глобалното владеење. Меѓудругото, се бара земјите членки да се согласат и за реформи што се однесуваат на Советот за безбедност, но тоа најверојатно нема да се случи.
Со документот земјите треба да се обврзат и да соработуваат за подобра заштита на цивилите во вооружени конфликти и да сносат одговорност за сторени злосторства и насилтва, како како што е родово базирано насилство и гладувањето како оружја на војната. Потоа за зголемена хуманитарна помош, вклучувајќи и елиминација на гладот. Светот да биде мерливо поблиску до ослободување од нуклеарно оружје. Се нагласува потребата за разоружување и напорите за контрола на оружјето, вклучително и во однос на неселективното оружје, биолошко и хемиско оружје и мало оружје. Исто така да се заложат за ревитализирање на улогата на ОН во областа на разоружувањето и напредокот кон четвртата специјална седница на Генералното собрание за разоружување. Да се преземат мерки за координација на биолошки закани, природни и намерни. Реално и одговорно користење на мировните операции, и нивната иднина за да се осигура дека можат да ги задоволат актуелните потребите.
Comments are closed for this post.