Мојата татковина е Македонија, и при давање изјави мојата употреба на името нема да биде поинкава, но како влада ќе мораме да ги почитуваме законите и Уставот. Не можеме да се правиме наудрени дека тоа не е дел од правниот систем, изјави денеска Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за нова влада.
– Не, мојот став не се промени. Како што можете да ме слушнете јас цело време зборувам Македонија и ќе продолжам да зборувам Македонија. Не можеме ние како влада да бараме од граѓаните да ги почитуваат Уставот и законите а ние да калкулираме и да имаме двојни стандарди, рече Мицкоски, кој беше на настан во Тетово.
Потсети дека и претходно кажал дека нема да ја користи придавката, но како Влада ќе мора да ги почитуваат законите и Уставот во однос на употребата на уставното име.
-И во денешната изјава повторно гледате дека тоа е така, и така и ќе биде и во иднина бидејќи тоа е мое елементарно човеково право, како ќе ја нарекувам мојата татковина. Таа е Македонија и ќе остане Македонија, но истовремено како Влада мораме да ги почитуваме законите и Уставот, променет е Деловникот за работа во парламентот минатата година како резултат на Жан Моне процесот и како резултат на тие промени, а тоа е правно обврзувачки акт, тоа е делот што се однесува на заклетвата што ја дава претседателот на Владата, членовите на Владата, претседателот на Собранието, потпретседателите на Собранието, претседателот на Уставниот суд…, рече Мицкоски.
Јас, потенцира тој, не можам да имам двојни стандарди да добивам и да поднесувам закони со придавката која што е дел од уставното име, да имаме институционална комуникација под уставното име, да трчаме да вадиме пасоши и лични документи како одредени политичари кои се сончаат во Египет, кај нашиот јужен сосед и да се правиме наудрени дека тоа не е дел од нашиот правен систем.
– Но, мојата употреба лична, како човек, при давање изјави, сум го кажал тоа, никогаш нема да биде поинаква од оваа што е денеска. Мојата татковина е Македонија, и ќе остане Македонија, рече Мицкоски.
Comments are closed for this post.