Три пријави стигнале на конкурсот кој го објави Младинскиот културен центар (МКЦ) за избор на директор на институцијата, објави СДК.мк од извори на Управниот одбор на МКЦ.
Кандидатури поднеле музичарот Бени Шаќири, дипломиран продуцент и филмски работник Никола Мадиќ, кој е сопруг на заменичката-министер за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, и Владимир Стојчевски, дипломиран продуцент и професор, магистер по менаџмент на јавни установи.
Според процедурата, Управниот одбор на МКЦ ги доставува апликациите од кандидатите до градоначалникот на Град Скопје, со тоа што предлага кандидати кои според критериумите се соодветни за позицијата за која аплицираат. Условите, покрај високото образование во областа на хуманистичките науки, се и 5-годишно работно искуство во областа на културата.
Во конкретниот случај, биле предложени сите тројца кандидати и сега градоначалничката Данела Арсовска треба да одлучи кој од нив ќе биде нов директор.
Во моментов, в. д. директор на МКЦ е Никола Алексов, дипломиран детектив, кој беше поставен на функцијата во јануари откако Арсовска го разреши Ванчо Богоев.
МКЦ Скопје се финансира од буџетот на Градот, но и преку Министерството за култура, како и преку сопствени средства, спонзорства и донации.
Повеќегодишната битка за директорското место почна кога Русе Арсов си поднесе оставка „од здравствени причини“ во декември 2021 година, откако повеќе од три ипол години беше в.д. директор.
Додека тој беше директор, а градоначалник беше Петре Шилегов, поточно во јули 2019 година, имаше обид за избор на нов директор на МКЦ. Тогаш, културните работници преку отворено писмо побараа музичарот Арбен Шаќири да не биде поставен за директор. По притисоците во јавноста, конкурсот за нов директор беше поништен.
Во меѓувреме, навидум се сменија многу работи. Се одржаа локални избори на кои во Скопје победи Данела Арсовска, а изгуби Петре Шилегов. Изборите за градоначалник ги изгуби и Арбен Шаќири кој исто така се кандидираше, но во вториот круг ја поддржа Арсовска. Во МКЦ, пак, на местото на Арсов, како в.д. директор (без конкурс) беше поставен Ванчо Богоев, а сега е Алексов.
Comments are closed for this post.