Од суданскиот багрем се добива гумиарабика – суровина од која зависат многумина. Има повеќе намени и е барана низ целиот свет. Но, нејзиниот извоз е отежнат поради конфликтот во Судан.
Гумиарабика или арапска гума е течност од багремови дрвја, кои растат главно во пустините и полупустините на зоната Сахел – таканаречениот гумен појас кој минува низ неколку земји. Постојат два главни вида на багрем: акација Сенегал (Senegalia Senegal), овој вид е доминантен во Судан, и помалку вообичаениот сејал акација (Vachellia seyal).
Ако багремите се оштетени, на пример од пожар или инсекти, дрвјата произведуваат гума за затворање на отворените пори. Земјоделците добиваат гума со помош на т.н. тапинг. Во тој процес, кората на дрвото се гребе и се собира течноста што истекува, арапска гума. Во контакт со сончева светлина и воздух, станува тврда. По неколку недели, земјоделците повторно ја собираат гумата и го повторуваат тоа постојано за време на сезоната на жетва.
Кому му треба гумиарабика?
Гумиарабика се користи во многу области: во фармацијата, за козметички производи или во прехранбената индустрија – под ознаката E414. Во древниот Египет, таа била незаменлива за балсамирање на телото на покојникот.
Прехранбената индустрија е многу зависна од гумиарабика. Потребна и е како природен додаток и како извор на таканаречени активни влакна, емулгатор. Не ги менува основните хемиско-биолошки својства на храната. Ја има во слатки, сосови и преливи за салати, пекарски и млечни производи и пијалаци. Во производството на безалкохолни пијалаци, како стабилизатор, спречува таложење на шеќер на дното и кристализација.
Колку навистина е важна оваа супстанца, можеше да се види во 1997 година кога САД воведоа трговско ембарго против Судан. Сепак, тоа не се однесуваше на гумиарабика: за да може компанијата „Кока-кола“ да продолжи да се снабдува со таа суровина.
Рецептот за Кока-Кола е една од најдобро чуваните тајни на прехранбената индустрија. Сепак, компанијата открива дека не може да ги направи своите пијалаци без таа клучна состојка. Неопходно е сигурно снабдување со таа супстанција.
Германија е важен купувач
Судан е водечки светски производител на арапска гума – околу 70 отсто од потребната суровина доаѓа од оваа североисточна африканска земја. Приходот на многу Суданци директно или индиректно зависи од нејзиниот извоз. Но, тековните борби предизвикаа застој во извозот.
Според податоците на Опсерваторијата за економска сложеност (The Observatory of Economic Complexity OEC), Судан во 2021 година извезол гумиарабика во вредност од 99 милиони евра, што го прави втор најголем извозник во светот. Најмногу е извезено во Франција, САД и Германија.
Борбите се голема опасност
Суданскиот новинар Хусеин Али за Дојче Веле вели дека продолжувањето на војната ќе резултира со „целосен колапс на извозот и криза на многу големи компании. Треба да се очекува дека, ако војната продолжи, стратешките резерви ќе исчезнат“.
Многу Суданци финансиски зависат од продажбата на арапска гума за џвакање. Но, откако почна конфликтот меѓу суданската армија под команда на генералот Абдел Фатах ал-Бурхан и специјалните сили на Мохамед Хамдан Дагал, работата станува сè потешка. Во меѓувреме, конфликтот сериозно го нарушува производството и трговијата.
Comments are closed for this post.