Рускиот философ и идеолог на Кремљ, Александар Дугин во текст објавен на порталот „Царград“ (Tsargrad) заговара мобилизација во Русија и најавува голема војна помеѓу Западот и Русија.
– Ние сме на работ на трета светска војна, во која Западот опсесивно не турка. Тука веќе не се работи за страв или исчекување, тоа се факти. Русија е во војна со колективниот Запад, со НАТО и неговите сојузници (иако не со сите – Турција и Грција имаат свој став, а голем број европски земји, пред сè Франција и Италија, но не само тие, не сакаат активно да учествуваат во војната со Русија). А сепак заканата од трета светска војната е сè поблиску, пишува Дугин во првиот текст објавен по смртта на неговата ќерка Дарја, која загина пред еден месец при експлозија на автомобил.
Тој во текстот предупредува и дека постојано расте можноста од употреба на нуклеарно оружје.
– Дали ќе се користи нуклеарно оружје е отворено прашање. Но, веројатноста за нуклеарен армагедон расте секој ден. Сосема е јасно, а многу американски воени лидери отворено го прокламираат, Западот повеќе нема да биде задоволен дури и со нашето целосно повлекување од територијата на поранешна Украина, тие сакаат да не уништат на наша почва, инсистирајќи на „безусловно предавање“ (Јенс Столтенберг), „деимперијализација“ (Бен Хоџис), распарчување на Русија“, тврди Дугин.
Според него специјалната воена операција, како што Москва ја нарекува инвазијата врз Украина, е завршена. Дугин истакнува дека специјалната воена операција прераснала во „вистинска војна со Западот, во која терористичкиот и нацистички режим во Киев е само инструмент“.
– Она што се случи е неповратно и нема потреба да се плашиме од какви било отстапки или компромиси од наша страна. Непријателот ќе го прифати само нашето целосно предавање, поробување, распарчување, окупација. Така што едноставно немаме избор. Крајот на специјалната операција значи потреба од длабоки трансформации на целиот политички и општествен систем на модерна Русија – транзиција на земјата врз воена основа во политиката, економијата, културата и информациската сфера. Војната со Западот потчинува сè, наведе Дугин
Comments are closed for this post.