Ако некој случајно помислил дека отворањето три клуба и центри на македонските Бугари во Македонија за релативно кратко време, и тоа според еден ист терк е чиста случајност, повеќе од сигурно се лаже. Зашто, „Иван Михајлов“ во Битола, „Цар Борис III“ во Охрид и „Цар Фердинанд“ во Богданци се само последица на практицираниот неоврховизам и антимакедонизам, најново и ждановизам, од страна на власта на СДСМ, кои сега се одразуваат и во отворено кокетирање и со антисемитизмот, што само по себе претставува логичен редослед на работите, но и преседан на овие простори!
Целосно изгубениот идеолошки компас на СДСМ не може да се оправда ниту со секојдневните пропагандистички уверувања за членство во ЕУ како Македонци, со „чист“ македонски јазик, ниту со отсуство на некаква законска регулатива или тело, кое би требало да (не)одобрува некое историско име. Прво, затоа што молкот при регистрирањето на фашистичките или профашистичките здруженија значи, пред се, одобрување, и второ, затоа што во државата, каква-таква, сепак постои и највисок правен акт, што се нарекува Устав.
Но, се чини дека најстрашно од се е што власта на СДСМ, во стилот на најмрачните болшевички практики, спроведува една подмолна политичка игра во која, во крајна линија, треба да се најде пресметката со најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која го презеде континуитетот на историското ВМРО, кое, пак, треба да биде една од темите од „заедничката историја“ на Македонија и Бугарија за која ќе расправа македонско-бугарската комисија за историјата и за прашања за учебниците.
Изборот на имињата на здруженијата на македонските Бугари не е ни случаен, ни бесзначаен. Напротив, и Цар Фердинанд, и цар Борис III, и Иван Ванчо Михајлов се симболи на бугарскиот територијален империјализам и шовинизам во кој нема место ни за самостојна држава Македонија, ни за македонизмот, ни за Македонците. Токму затоа паѓаат во вода сите тврдења на македонските Бугари, кои стојат зад овие здруженија, за нивните намери за добрососедство и за негувањето на бугарските традиции, историја и култура на овие простори. Напротив, нивната агресивна пројава, пред која власта на СДСМ свесно затвора очи, не значи ништо друго, освен обид на бугарската подземна политика и тајни служби, преку разно-разни фондации и филантропи, за нова бугаризација на Македонија и на Македонците, кои, нели, не си ги знаат ни сопственото потекло, ни својата историја, традиција, култура… Или, со други зборови, за враќање во времето на Балканските, Првата и Втората светска војна, што ќе значи и нова окупација на Македонија.
Со ова, практично, паѓаат во вода и синтагмите за „политиката на политичарите“ и „историјата на историчарите“ на кои толку здружено се повикуваа и официјално Скопје и официјална Софија. Зашто, се покажува дека „невладиниот сектор“ нема ни време, ни желба да ги чека ни политичарите, ни историчарите, на што, сосема нормално, реагираат Еврејската заедница и Музејот на холокаустот како жртви на бугарскиот антисемитизам и наци-фашизам.
Во брошурата „Евреите во Македонија за време на втората светска војна“, што беше промовирана по отворањето на Музејот на холокаустот во Скопје, авторот Мајкл Беренбаун меѓу другото ќе напише:„Историчарите на холокаустот развија добро разграничени категории според кои се класификува однесувањето на поединците и на нациите за време на холокаустот: извршители и жртви, соработници и набљудувачи, спасители и оние што давале отпор. Сепак, во случајот на Бугарија не е можно таа да се класификува во рамките на една ваква едноставна категоризација“.
Во која категорија може да се смести актуелната власт на СДСМ во контекст на актуелните случувања, се разбира не од аспект на холокаустот, туку од аспект на антисемитизмот, не е тешко да се одреди. Друго е прашањето на кој термин само ќе му се даде предност, дали на соработници или на набљудувачи?!
По отворањето на Пандорината кутија во односите со Бугарија и толкувањето на терминот „заедничка историја“, просто неверојатно звучи лицитирањето на политичките дудлили од власта, особено со термините поврзани со Втората светска војна – окупација, администрација, фашистичка, профашистичка, нацистичка, наци-фашистичка, пронацистичка, пронаци-фашистичка, бугарска власт… И сето тоа, нормално, си има и свои последици.
-Според мене, Бугарија не може да ја дефинираме како класична фашистичка земја, како што може да се каже за тогашна фашистичка Италија или нацистичка Германија. Ние можеме да ја третираме Бугарија како пронацистичка, профашистичка земја, меѓутоа Бугарија не е фашистичка земја во тоа време. Според мене, оној термин кој овде може да се користи, за кој треба да се дебатира, повторно ние не може тоа со наша одлука да го наметнеме се разбира, е да се користат термините окупација, инвазија, па дури и анексија, затоа што овие простори би биле анектирани кон Бугарија доколку победеле силите на оската, меѓутоа не и терминот бугарска фашистичка окупација. Профашистичка да, меѓутоа фашистичка не. Бугарија не е фашистичка земја, според мене, но и според видувањата на голем број научници на запад, нема фашистичко уредување во Бугарија. Постои еден авторитарен режим на Цар Борис таму, кој го суспендира работењето на бугарското собрание, меѓутоа Бугарија нема фашистичко уредување. Постојат внатре, условно кажано, фашистички движења, кои имаат фашистички идеи во себе, меѓутоа тие не се во рамките на самата бугарска држава, во структурата на владините тела. Така што од тој аспект најсоодветно би било користењето на бугарска окупација, бугарска инвазија, изјави меѓу другото во интервју за Радио слободна Европа на 6 февруари годинава копретседавачот на македонско-бугарската историска комисија Драги Ѓоргиев.
И случајно или не, неговиот личен став стана и политички став на претседатлот Стево Пендаровски манифестиран на годинешната прослава на Илинден.
Нешто слично, ако не и идентично може да се види и во книгата „Базичното антисемитско законодавство на царството Бугарија-зборник документи“ на авторите Скендер Асани, Нора Маличи и Владо Поповски“ во издание на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците-Скопје, што пред две години во МАНУ ја промовираше академик Владо Камбовски, токму на годишнината од депортацијата на македонските Евреи во логорите на смртта.
-…Причините (за депортацијата н.з.) лежеле во самиот бугарски режим кој, како туѓ и окупаторски, се однесувал недоверчиво и репресивно кон сето население во Вардарскиот дел на Македонија препуштен (според германско-италијанскиот договор) под власт на Бугарија. Таа власт била донесена од Царството со цела нејзина структура и во сите нејзини сегменти. Имало исклучоци кои припаѓале на одделни колаборационистички кругови, на новоформирани профашистички организации и на личности од фашизираната Ванчо Михајловистичка група, на кои им биле препуштени одделни локални функции во бугарските локални органи или во комисиите и институциите на КЕП, потчинети на повисоките локални или на централните власти на Царството Бугарија, пишува меѓу другото авторот Владо Поповски.
Крајно индикативна, па дури и цинична се чини градацијата на авторот на „новоформирани профашистички организации„ и на „личности од фашизираната Ванчо Михајловистичка група“. И токму тука лежи стапицата за континуитетот на ВМРО-ДПМНЕ! А, клучно е едноставното прашање-ако окупаторскиот бугарски режим не бил фашистички, односно бил профашистички, тогаш на што се должи фашизираноста на личностите од Ванчо Михајловистичката група, па и на самиот Иван Ванчо Михајлов?!
Во крајна линија, колку и да се избегнува крвавата улога на Цар Борис III за време на Втората свтска војна, сепак и тогаш постоело правото на избор. Како што не се согласил со депортацијата на огромното мнозинство бугарски Евреи, исто така можел да не се согласи ни со носењето на т.н.Нирнбершки закони, ни со депортацијата на македонските Евреи.
Но, најболно од се е фактот, што ни самата Бугарија се уште нема целосно расчистено ни со своето наци-фашистичко минато, ни со својот антисемитизам. Ова не само поради реакциите и присутните полемики на наследниците на бугарските комунисти, туку и на целата бугарска либерална јавност.
На почетокот на јули годинава во Софија беше промовирана најновата книга на Леа Коен, една од водчките личности на Еврејската заедница во Бугарија, насловена како „Прогонство, спасение и холокаустот во Царството Бугарија 1940-1944 година“. Дел од книгата беше промовиран на порталот е-вестник.бг на 27 и 28 јануари годинава по повод Светскиот ден на холокаустот.
Коен меѓу другото пишува дека „терминот холокауст во општествено-историска употреба во Бугарија почнува двај по 1989 година, кога заедно со обидите на ново читање на современата бугарска историја се преразгледуваат фактите и условите околу судбината и прогонот на Евреите“. Уште додава дека „општествен и политички став во бугарското општество и до ден денес молчаливо не се согласува со употребата на терминот и го прима како напад против бугарската држава„.
-…По 2008 година, владата на ГЕРБ ги продолжи напорите на партијата на бившиот бугарски цар Симеон Саксобурготски за омаловажување на историската одговорност и негирање на секоја вина на царска Бугарија во депортацијата на 12.000 Евреи. Тоа се манифестираше не само во лични изјави на бившиот премиер Борисов и на неговите министри како Екатерина Захариева од МНР, Красимир Каракачанов од МО и други, но и во сериозни материјални ресурси за пропагирање на таа теза (нарачка на книги, написи, изложби, телевизиски емисии, преводи на пропагандни текстови на англиски и шпански и организирање турнеи во странство и др.). Постепено, со напори не само на политичките органи, туку исто така и на академски институции како БАН, на професори од Софискиот и други универзитети, беше наложена тезата за целосно и безусловно спасување на 48.000 Евреи во Бугарија со учество на сите слоеви на социјалната пирамида, почнувајќи од бугарскиот цар Борис III, преку министрите на неговата последна влада, пратениците и едвај на крајот да се стигне и до бугарскиот народ.
Освен што таа пирамида беше и досега останува целосно обратна и погрешна од основата, па до врвот, таа вклучува и целосно историски неодржливи елементи. Таа е соборена не само од еврејските организации и центрите за истражување на холокаустот Јад вашам и Музејот на холокаустот во Вашингтон, туку и од низа научни истражувачи во Бугарија, израел, Франција и други нивни публикации и книги…“, пишува Леа Коен.
И сега за која приказна за добрососедство и за која историја, култура и традиција ќе ни говорат здруженијата на македонските Бугари? Или „Иван Михајлов“, „Цар Борис III“ и „Цар Фердинанд“ со премолчување на власта на СДСМ само ја почнуваат новата „бугарска окупација во 26 слики“, по што само прашање на ден е кога ќе ни биде понуден закон за бугарско државјанство, ист како тој што бил донесен за време на Втората светска војна?!
Comments are closed for this post.