Има одредена иронија во тоа што токму Франција претстави проблематичен компромисен предлог, затоа што со години токму француската влада го кочи прифаќањето на државите од Западен Балкан во ЕУ, ветување кое и онака сѐ повеќе звучи шупливо, пишува професор д-р Улф Брунбауер, историчар и директор на Институтот за Источна и Југоисточна Европа во Лајбниц, Германија, а пренесува „Дојче веле“.
-Ова ѝ создаде слободен простор на Бугарија да го запре процесот на пристапување на Македонија со националистички барања и да не мора да плаќа политичка цена на европско ниво за тоа. Блокадата произлегува од фантомската болка што ги мачи бугарските националисти при помислата на Македонија, бидејќиМакедонија одбива да го усвои бугарското читање на нејзината историја и идентитет, пишува тој.
Брунбауер објаснува дека Франција сега предложи Македонија да ги вклучи Бугарите како конститутивен народ во својата преамбула на Уставот, а напредокот во спроведувањето на Договорот за пријателство од 2017 година да стане дел од Преговарачката рамка.
Предлози кои, како што потенцира, тешко се спроведуваат.
-Првото пропаѓа поради немањето мнозинство во македонскиот парламент, особено затоа што Франција не бара реципрочен акт од Бугарија, каде македонското малцинство чека официјално признавање со децении. Вториот би поставил опасен преседан: имено поврзување на билатерален спор, за теми кои не се поврзани со критериумите за членство во ЕУ, со пристапните преговори. Ова би ја отворило вратата за уцена од постојните членки на ЕУ против земјите-кандидати, особено кога националистичките настроени влади поставуваат бизарни историско-политички барања – нешто што тие со задоволство го прават, пишува историчарот.
Потенцира дека на Западниот Балкан му се заканува да стане отпад на европската интеграција.
-Во конкретниов случај, Бугарија е таа што го торпедира почетокот на преговорите на соседот, а со тоа и на Албанија, бидејќи ЕУ одлучи да преговара или со двете или со ниту една од двете земји. Тешко е да се разбере користа што Бугарија ја гледа во дестабилизацијата на нејзиниот соседски регион. Во секој случај, Кремљ ќе биде среќен ако националните емоции ги донесат на власт антиевропските десничарски популисти, заклучува Брунбауер.
Comments are closed for this post.