На денешниот состанок на Извршниот одбор на ДОМ во проширен состав, се разгледуваше т.н. француски предлог објавен во медиумите. Раководството на ДОМ едногласно донесе став дека овој предлог е неприфатлив и Владата треба да го отфрли, се вели во партиското соопштение од ДОМ испратено до медиумите.

-Отворените прашања со Бугарија треба билатерално да се решаваат во добра волја, взаемна почит и согласно европските вредности. ДОМ останува на ставот дека за македонскиот јазик и идентитет не смее да се преговара. Сметаме дека овој предлог ќе го претвори пристапниот процес за членство на Македонија во ЕУ во бескрајна агонија и го доведува во неизвесност и самото започнување на преговорите. Доколку Владата го прифати овој т.н. француски предлог, ДОМ ќе ја напушти Владата и парламентарното мнозинство, истакнуваат од ДОМ.

 

Извршниот одбор на ЛДП донесе став дека предлогот, како што беше пласиран во медиумите, е неприфатлив.

ЛДП ќе побара од премиерот да го разгледа официјалниот предлог во Владата и во Собранието и за истиот да се отвори расправа.

Ќе им бидат доставени сите суштински забелешки на ЛДП и ќе се борат во институциите да ги исполнат нашите барања и да ги заштитат интересите на Македонија. Ако не успееме во тоа, нашето учество во Владата е беспредметно. Притоа ги забележавме сите спорни точки од договорот кои кружат во јавноста, соопштуваат од партијата.