Изборот на уставните судии денеска е на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за избори и именувања. Членовите на Комисијата треба да ги разгледаат биографиите на деветте кандидати за уставни судии и тоа тројца предложени од мнозинството и шест од опозицијата.
Според претседателката на Комисијата за избори и именувања Марија Георгиевска, продолжението на седницата на Комисијата за избор на судиите се одолговлекло поради обврски на членови на Комисијата.
Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска во понеделникот одржа средба со шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери за блокадата на изборот на четирите уставни судии.
Кацарска по состанокот со државниот врв изјави дека ако до крајот на годината Судот не биде комплетиран, тогаш на државата и се заканува уставна криза.
Уставниот суд во моментов работи без четворица судии на кои им истече мандатот, од предвидени девет судии. Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, по речиси една година откако Уставниот суд работи со намален број на судии, на 13 мај ја почна процедурата за избор на нови уставни судии.
Предложени се девет кандидати. Пратениците од власта ги предложија републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер и Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложија шест кандидати: универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.
На дневниот ред на седницата на Комисијата е и утрвдувањето на Предлог-одлука за разрешување и именување на претседател и членови на Oдборот за доделување на државната награда „8 Септември
Comments are closed for this post.