Гоце Делчев е најнесреќниот избор од бугарска страна за предизвикување раздор, не добронамерност и создавање амбиент на несоработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија. За нашата македонска држава Гоце Делчев е најсветлиот лик, апостол и знаме на македонската револуционерна борба, истакна поранешниот македонски амбасадор во Република Бугарија, Марјан Ѓорчев на денешната трибина „Гоце е Македонија“.
„Република Бугарија не ја разбира светлосната порака на Гоце Делчев. Сите нивни политички манифестации коишто се однесуваат на негација на македонското постоење, македонската реалност и македонската вистина претставуваат навистина, од европски аспект не познавање на европските вредности и нивно не усвојување“, посочи Ѓорчев.
Тој додаде дека сите Бугарски декларации и резолуции кои што беа донесени, пред сѐ декларацијата со декември 2018-та година во коишто се исцртаа Бугарските црвени линии кон Македонија беа во насока да се потенцира старата анахрона теза за не постоење на македонска нација и македонски јазик.
Ѓорчев посочи дека Договорот со Бугарија стана основна пречка на добрососедските односи, бидејќи договорот е нерамноправен и несиметричен.
„Ние имаме несомнена предност затоа што нашата историографија, факти и аргументи и историски извори и легендарна димензија за тоа што претстава Гоце Делчев, кој што е опеан во народни песни, укажува на тоа дека Гоце Делчев за нас е примарен, тој е нашиот органски тип на македонски човек и како таков ние треба да го негуваме“, рече Ѓорчев.
Тој посочи дека негирањето на Гоце Делчев претставува негирање и на европските вредности.
„Ние како Република Македонија треба да организираме широка општествена дебата во која ќе биде вклучена македонската наука, граѓанскиот сектор и низ таа широка дебата заедно со политиката ќе изградиме еден соодветен однос кон тоа што претставува универзалноста и европскиот лик на Гоце Делчев“, кажа Ѓорчев.
Ѓорчев додаде дека ние мора да истраеме во тоа што е наша вредност, мора да покажеме храброст и цврстина. Затоа што Гоце Делчев е дел од нашата колективна меморија и претставува сето она што сме денес во Македонија.
Според Ѓорчев изјавите на премиерот и претседателот на Република Македонија уште еднаш ја покажува спремноста за попуштање од страна на власта, спремност за величење на туѓиот интерес за наметнување на туѓа волја кон македонските граѓани и тоа е неприфатливо бидејќи ние имаме вистински македонски вредносен систем којшто постоел, постои и ќе продолжи да постои.
„Изјавите на премиерот и претседателот на Република Македонија се несреќни изјави, бидејќи со тоа тие ја слабеат нашата позиција во преговорите со Република Бугарија. Тоа претставува и нивно повлекување од нашата резолуција донесена во парламентот со консензус од сите политички субјекти за нашите црвени линии.“, заклучи Ѓорчев.
Comments are closed for this post.