Професор Дејан Трајковски во својата најнова ковид анализа потенцира дека новиот сој омикрон во Македонија ќе пристигне пред новогодишните празници.
„Како што покажува ефективниот репродукциски број Rt = 0,88 ± 0,24, кошто веќе е прилично под единица, намалувањето на дневните броеви се одвива релативно добро, особено како за доцна есен, сезоната на респираторни инфекции. Радува фактот што се намалува и стапката на позитивни тестови (на вториот дијаграм), иако последниот седумдневен просек сé уште е прилично висок, со околу 13,4%. Прележаноста си го прави своето, па некако го издржавме и врвот на заразувањето поради отворањето на ноќните клубови и баровите (вториот врв на портокаловата линија на третиот дијаграм).
Доколку не знаевме дека ни претстои бран на новиот сој Омикрон, ќе можевме веќе да ги правиме и првите предвидувања за времето на крајот на бранот и очекуваниот број на случаи до крајот.
Просечното дневно намалување на бројот на случаи изнесува околу 1,7%, неделното намалување изнесува просечно 11,3%, а времето на преполовување на дневниот број на случаи изнесува 40 дена.
Поаѓајќи од моментаниот седумдневен просек на дневниот број на случаи (325) и од просечниот количник на геометриската прогресија на дневниот број на случаи од последниот врв до денеска (0,983), пресметките покажуваат дека до спорадично заразување (под 26 нови случаи дневно) би дошле за околу 146 дена, односно кон крајот на април. Дотогаш би имале уште околу 18.800 нови случаи. Во едно друго, понеповолно сценарио, бројот на идни случаи би изнесувал околу 33.400 случаи.
Меѓутоа, ниту едното ниту другото сценарио нема да значат ништо откако во земјата ќе пристигне сојот Омикрон, а тоа најверојатно ќе се случи пред новогодишните празници, со масовното пристигнување на иселениците од западна Европа. Карантин за патниците од Јужноафриканската Република повеќе нема ништо да ни значи, затоа што сојот веќе започнува да се шири низ Европа, а пристигнувањето кај нас, во услови на целосно отворени граници, е речиси сигурен.
Така велат и нашите власти, кои пристигнувањето на новиот сој го сметаат за црна судбина, на која не можеле да влијаат. Додуша, Кина со својата Нула-ковид политика покажа дека не постои судбина, доколку се преземат соодветни мерки на граница. Значи, не е точно дека доаѓањето на вирусот не може да се спречи. Нема невозможност има само неспособност, но ние сме веќе навикнати на неа, зар не?
Да уживаме во намалувањето на дневните броеви на нови случаи (како и на починатите, чиј број веќе го премина максимумот и се наоѓа во надолна патека) уште еден месец. До тогаш ќе знаеме повеќе и за преносливоста, но и за отпорноста кон вакцините и реинфекциите кај прележаните поради Омикрон сојот, па ќе правиме нови сценарија“, напиша на Фејсбук проф. Трајковски.
Comments are closed for this post.