За денеска во 11 часот е најавен почетокот на собраниската седница на која најдоцна пред полноќ треба да се гласа за доверба на Владата на премиерот Зоран Заев.
Иницијативата за гласање доверба на Владата со 61 потпис ја поднесоа опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Беса, која беше во коалиција со СДСМ. По реакција на пратеникот Скендер Реџепи Зејд од Алтернатива, својот потпис вчера од иницијативата ги повлече претседателот на Левица Димитар Апасиев, но и 16 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
За Собранието да ја изгласа одлуката за недоверба на Владата потребно е мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако биде изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка, предвидува Уставот. Но, останува да ја извршува функцијата се до изборот на нова Влада.
На седницата, како што е предвидено во Деловникот за работа на Собранието, по поставеното прашање за доверба на Владата се води претрес. Право да го образложи прашањето за доверба на Владата има еден од пратениците кои го поставиле прашањето во траење од најмногу 30 минути. Редоследот на пратениците по пратенички групи и пратеници кои не се организирани во пратеничка група, а кои ќе учествуваат во претресот се определува во договор на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи пред почетокот на седницата. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 15 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 20 минути.
Ако на Владата и е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата, се вeли во член 218 од Деловникот. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.
Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера не излезе со свој став или толкување во врска со повлекувањето на 17 потписи од Иницијативата, како и дали тоа ќе се одрази на собраниската седница. Претходно во телевизиско интервју тој потенцира дека процедурите се јасни.
-Има седница закажана во четврток. Седницата мора да има епилог. Епилогот може да биде, се гласа недоверба – паѓа Владата, не се гласа недоверба – не паѓа Владата. После тоа наредните 90 дена не може да има повторно гласање за недоверба. Затоа е даден рок од 90 дена, рече Џафери.
Претседателот на државата Стево Пендаровски, пак, синоќа во интервју за ТВ 21 рече дека нему му е важно мнозинство да се добие по демократски пат, и дека само така ќе се има легитимитет и внатре и надвор.
-Она што како претседател ми е важно, и е важно и за меѓународната заедница, е следното: оној кој ќе добие во демократска процедура 61 глас, тој ќе биде потполно релевантен соговорник и внатре и надвор. Мене ми е најважно да се случи 61 глас во демократска процедура како што е пропишано во Устав и Закон, рече Пендаровски.
Comments are closed for this post.