Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка-Правда за штедачи, во денешното соопштение објаснува како се одвивал криминалот во Банката, претставувајќи го тоа преку Групацијата Галафарм.
Веќе посочивме, се вели во соопштението, дека долговите на четирите поврзани фирми во групацијата изнесуваат околу 2.550.000 евра. Меѓутоа, тоа е далеку од вистинската слика за реализираниот вистински грабеж преку оваа групација, поточно фирмите Галфарм и Галафарм 2 како носители на криминалот. Во овие фирми, преку трансакции во вид на позајмици од фирми должници во Еуростандард банка, завршиле дополнителни околу 5.670.000 евра. Со тоа, вкупната загуба односно покрадени и проневерени наши парични средства изнесува околу 8.220.000 евра. Значи, освен што фирмите од Групацијата Галафарм, и тоа: Галафарм, Галафарм 2, Де-Јо Јован и Информ ЛЛ се директни должници према Еуростандард банка, во фирмите Галафарм и Галафарм 2 завршиле дополнителни наши парични средства. Тие пари биле трансферирани од други фирми директни должници кон Еуростандард банка, во вид на доделени „позајмици” кон фирмите Галафарм и Галафарм 2. Па така, до крајот на 2019 година, документите говорат дека Галафарм 2 добила „позајмици” од 30 фирми директни должници кон Еуростадард банка во вкупен износ од околу 5.100.000 евра, додека Галафарм добила „позајмици” од 3 фирми должници во вкупен изнод од околу 570.000 евра. Сето ова е организирано за да всушност се сокрие трагата на парите, со намера да тие завршат во туѓи џебови како што во основа и се договориле актерите во криминалот со високото раководство на ограбената банка. Тоа е основата на која почива организираниот криминал и корупција во Еуростандард банка, за којшто сведочат мноштво случаи, а Групацијата Галафарм е еден од позначајните водечки примери на сторениот масовен грабеж на депозитите во банката.
И сега, не се доволно покрадени преку 8 милиони евра наши лични пари преку Групацијата Галафарм, туку сега има обид да се оди уште подалеку. Преку намерата за отворање на стечајна постапка на фирмата Галафарм, се сомневаме дека целта е да се посегне и преземе лиценцата за производство на медицинско масло од канабис, која ја поседува оваа фирма. Бизнисот со марихуана за медицински цели е многу профитабилен и истиот е контролиран од државата преку издавање на лиценци кои се добиваат под одредени строго дефинирани финансиски и други услови. Но, во случајот со Галафарм, начинот на преземање на постојната лиценца е со обид да се отвори стечај над фирмата, па после преку реорганизација да се дојде до лиценцата без да се исплатат долговите кон Еуростандард банка, или тие значително да се намалат по принципот „давај што ќе дадеш”. Со тоа, ние ќе бидеме повторно доверители во стечајна маса, сега на фирмата Галафарм, но во таков случај евидентно ќе пропаднат преку 8 милиони евра наши пари, бидејќи истите ќе ги нема.
Ова е основата на криминалот направен од и преку фирмите Галафарм и Галафарм 2. Таквиот криминал, ќе се согласите, не смее да помине незабележано. А тоа се случува поради инертноста и молчењето на надлежните институции кои до сега не покажаа никаков резултат во разоткривање и казнување за масовниот грабеж во Еуростандард банка преку којшто се покрадоа речиси 60 милиони евра од депозитите на околу 3.000 физички и правни лица депоненти во банката.
Со најавеното рочиште за отворање на стечај над фирмата Галафарм, закажано на ден 23 јули оваа година, се прави обид овој криминал да се прошири и надогради. Актерите се познати, сцената е поставена, останува уште да се случи егзекуцијата на фирмата за неколку дена. Учесниците во овој криминал ќе бидат задоволни бидејќи повторно ќе ги оштетат оние кои ги довериле парите во банката, за да истите преку разни канали бидат покрадени од минати и сегашни измамници. Се разбира, тука сме, постоиме да се спротивставиме на оваа криминална намера за носење на фирмата во стечај. Сега и пред наши очи, а во отсуство на институции кои сето тоа слепо го гледаат повеќе години наназад, не реагирале и понатаму не реагираат.
За тоа како се планира да се изведе овој обид за носење на фирмата во стечај и кои се актери се директно вклучени или се помошници во овој криминален чин, ќе можете да прочитате во утрешната наша објава.
Воедно, повторно ги повикуваме надлежните институции, финансиската полиција, основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и надлежниот вицепремиер Љупчо Николовски, да не седат со скрстени раце и да реагираат, за да се спречи уште еден криминален чин со отворање на стечај над фирмата Галафарм на 23 јули оваа година.
Вистината преку факти излегува на површина. Продолжуваме понатаму, соопшти здружението Правда за штедачи.
Comments are closed for this post.