Средношколци од Куманово преку денешната претстава „Еј, еве ја онаа“ укажаа на различни форми на дискриминација, посебно ставајќи акцент на насилството врз тинејџерите преку социјалните мрежи. Претставата беше прикажана во кумановскиот театар, а се спроведува во рамки на Регионалниот проект за социјални права на ранливи групи кој го спроведува ГИЗ (Германското друштво за меѓународна соработка).
Во проектот во Куманово е вклучена и општина Куманово и канцеларијата на заменикот народен правобранител и учениците од средните училишта. Младите, велат инволвираните во проектот ги користат сите социјални мрежи, но често и самите се жртви на малтретирање кое доаѓа од нивни врсници или повозрасни, им се нарушува приватноста со користење на нивни фотографии или видео материјали кои се споделуваат на социјалните мрежи без нивно одобрение.
„Целта е да се покрене јавната свест за оваа проблематика која е се поприсутна помеѓу младите. Проектот има за цел да ги едуцира младите да го препознаат насилството преку социјалните мрежи и да понуди решенија да се надмине“-изјави Тања Стефановска од одделението за социјална заштита од општина Куманово.
Вера Кандикијан од Германско Друштво за меѓународна соработка, вели дека преку проектот се поддржуваат и локални активности меѓу кои и оваа претстава во Куманово за покренување на свеста кај младите, генерално за недискриминација, конкретно за сајбер заплашувањето.
Актерката од кумановскиот театар Кети Дончевска Илиќ која ја режираше претставата со учениците, вели дека пораката која ја упатуваат до пошироката јавност е да се укаже на појавата на врсничко насилство.
Битно е да се разговара со младите кои треба да научат како да го препознаат насилството кое се користи на социјалните мрежи, вели Дончевска Илиќ
Младите сакаат да ги користат социјалните мрежи ги познаваат, но недоволно и не се доволно едуцирани како да го препознаат врсничкото насилство, како од корисници можат несвесно да станат жртви на овој вид се поприсутно насилство. Претставата ги укажува и проблемите на младите кои се жртва на врсничко насилство преку социјални мрежи и нуди решенија за надминување.
Comments are closed for this post.