Вечерва, со почеток од 19:30 часот во Галерија МКЦ ќе се отвори „Интимно понирање“ –  самостојна изложба на Трајче Чатмов.

„Во рецентните ликовни дела од својот креативен опус, авторот Трајче Чатмов го третира апстрактно-фигуративниот експресионизам како стилска определба и ликовен израз во кој е доминантна гестуалната акција и интензивниот, чист и звучен колорит.

Од ликовно-технички аспект, структурата и композицијата во неговите слики е динамично, вешто и инстинктивно градена. Авторот следејќи ги своите креативни импулси и размисли се обидува бргу да ги зароби и визуелно да ги транспонира во дела со моќна сугестија и сензибилитет. Едноставниот, стилизиран цртеж на најчесто антропоморфни и зооморфни претстави како и живиот, раскошен колорит со употреба на интензивна гама на сини, цинобер, кармин, жолти, зелени и виолетови тонови, нанесени во густи, пастуозни слоеви со хроматска рамнотежа се негов најмоќен сликарски адут. Бојата е најчесто пастуозно нанесена, во густи слоеви и сигурни потези со употреба на црна, некаде бела или црвена за нанесување на контурите и потенцирање на движењето. Преку неа, Чатмов создава единствена колористичка, експресионистичка сензација и драма за набљудувачот, сугерирајќи му чувство како да го гледа светот низ стаклена призма низ која се прекршуваат сите бои на виножитото.

Неговата сликарска визија поаѓа од реалноста, која тој преку низа трансфигурации ја крши, разглобува и деконструира со наивност и жар на љубопитно дете, притоа останувајќи докрај доследен на првобитната наративна сторија.

Во тој негов имагинативен микроуниверзум, двигател на нарацијата, на неговото интимно понирање и самоспознавање се неговите напластени емоции и нагони – љубовта, страста, соништата, внатрешните борби и конфликти, стремежот да се претстават што е можно поискрено и верно на доживеаното чувство, како некои симулакруми од искуствената стварност.

Неговите слики претставуваат интимни медитации за животот и светот што нѐ опкружува, за егзистирањето во него и доживувањето/чувствувањето на истиот тој свет преку сите сетила. Фигуративните композиции на луѓе, бикови, змејови, имагинарни и митолошки суштества и нивната заемна интеракција ги носат трагите на енформелскиот израз и експресионистичката реторика, ликовен ракопис, кој на Чатмов му е елабориран и близок.

Тоа се дела што лесно остваруваат директна комуникација со набљудувачот, карактеристични по својата едноставност и читливост на ликовниот јазик.

Насловите на делата („Раѓање“, „Расплакана“, „Изгорени од сонцето“, „Пир“, „Предадениот“…), ни служат како мапи за единствената наративна сторија на авторот, без оглед дали се тоа емотивни и психолошки состојби што тој ги доживува или споделување на своите перцепции за светот во и околу него.

Со вистинска страст и бескомпромисност, Чатмов го интерпретира својот внатрешен креативен агенс, еклектично ги поврзува и спојува сите детали создавајќи приказни за свет што е минлив и подложен на промени, свет што повикува да биде истражуван и откриен од набљудувачот. Тоа се чудесни, храбри и искрени слики исткаени од соништа, страст, дилеми, надеж и очекувања, слики што допираат до некои наши интимни микросветови“.

  • Анита Бошкова Доковска

 

Трајче Чатмов е роден 1971 година во Скопје. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во класа на професор Рубенс Корубин. Магистрира на истиот факултет под менторство на професор Родољуб Анастасов.

По завршувањето на студиите во 1996 се вработува како наставник по лик. образование, во 1999 се вработува во Мин. за одбрана, поточно во Домот на АРМ – Скопје, најпрво како советник за културни активности, а подоцна и како раководител на тој објект. Во моментов е раководител на одд. за медија и мултимедија при Министерството за одбрана.

Своето прво самостојно излагање Трајче го има непосредно по своето дипломирање, во Домот на културата – Охрид во 1997 година во рамки на Охридско лето и со тоа започнува неговото претставување како академски сликар. Следни негови самостојни изложби се:

 

2002 Скопје, изложбен салон при Домот на АРМ;

2002 Ликовен салон Велес;

од 2006 до 2008 во Скопје (изложбен салон Дом на АРМ), Битола (Центар за култура), Кавадарци (Дом на култура „Иван Мазов“), Прилеп (Дом на култура „Марко Цепенков“) и ликовен салон Врање (Р. Србија);

од 2011 до 2013 Скопје (изложбен салон ДЛУМ), Велес (ликовен салон);

2016 Скопје, галерија Концепт 37;

2017 галерија ШТАБ – Белград, галерија 2.0 во Софија;

2019 Скопје, галерија Концепт 37;

2020 Неготино, Музеј на град Неготино.

Учествувал и на повеќе групни изложби низ сите градови во Македонија, како и надвор од неа како дел од меѓународниот проект „Идентитети“ во Минхен (Германија), Варшава (Полска), Мурска Субота (Словенија), Крагујевац (Србија), Интернационално графичко бианале во Канагава (Јапонија), Велико Трново (Бугарија), во Дубаи како дел од „World Art Dubai 2018 exibition“ и  др.

 

Покрај сликарството се занимава и со фотографија, анимиран филм и документарен филм, за што има добиено неколку награди во 1997/8 (најдобра камера и најдобра режија за кратокиот документарен филм „Времиња“).