На 26 мај на сцената на Македонскиот народен театар со почеток во 20 часот ќе биде одиграна праизведбата на комуникациската современа музичка драма „Само глас“ од младата авторка Нина Плавањац.

Претставата „Само глас“ е во режија на Марјан Неќак, кој воедно е автор на музиката, сценограф и дизајнер на светлото.

Во улогите на Таа и Тој играат првенците од ансамблот на Македонскиот народен театар, Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, со снимен глас, како и балетанот Мирослав Митрашиновиќ.

Во претставата „Само глас“ се истражува интимниот портрет на една уметница и суровиот третман од надворешниот свет со кој таа се соочува, при што го интернализира и продолжува да се мачи себеси. Нашата хероина — Таа — беше позната актерка, храбра и исклучителна жена, од која се очекувало само повеќе успех. Скапата цена за годините што ги помина обожувана е тоа што таа никогаш не се осмели да падне од пиедесталот, ниту да покаже човечка слабост.

Текстот го преведе Звездана Ангеловска, преводот на сонговите од англиски јазик го направи Елена Китановска, видеодизајнер е Марин Лукановиќ и костимограф Наташа Павлиќиќ.

Следните изведби се закажани на 27 и 29 мај со почеток во 20 часот, а театарот се придржува кон протоколарните мерки согласно со Комисијата за заразни болести.