Во организација на Музејот на современа уметност – Скопје, денеска почнува 13-тото Меѓународно биенале на млади уметници со наслов „Страст за лутање“ на кое ќе бидат изложени дела на повеќе од 30 локални, регионални и меѓународни уметници.
Биеналето ќе се отвора последователно на четири различни локации низ Скопје. Па така, денеска во 20 часот ќе се отвори изложбената поставка во Музејот на современата уметност – Скопје. На 20 мај, во 20 часот, публиката ќе има можност да ги погледне делата на млади уметници, кои ќе бидат изложени во Природонаучниот музеј, додека на 21 мај, во 20 часот ќе се случи отворање во Музејот на Македонија. Изложбената поставка во зградата на Управата за хидрометеоролошки работи ќе биде отворена за посетители на 22 мај со почеток во 13 часот. Сите настани во различни институции ќе бидат придружени со музичка програма на која ќе настапат со свој диџеј сет Мартина Пенева, Aka Thesaur, Еми Ермилова и џез составот „Светлост“.
Селектирани се дела на уметници од С Македонија, Србија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина, Италија, Аргентина, Турција… меѓу нив, уметници, со стекнато образование на уметнички универзитети во Англија, Холандија, Германија, Словенија, Франција и Италија.
Целта на годинашното Биенале е да се прошири вон архитектурата на МСУ, вклучувајќи институционална соработка со Музејот на Македонија, Природонаучниот Музеј и зградата на Управата за хидрометеоролошки работи, степенувајќи ја важноста на овие простори, како примери за модернистичко архитектонско наследство на градот Скопје и на потенцијалот на тоа наследство, кој е насочен кон иднината и непознатото и кој повикува на талкање кон други простори и времиња.
Во рамки на едукативно – дискурзивна програма ќе бидат организирани серија предавања и работилници посветени на млади куратори и уметници, како и предавања посветени за млади уметници, каде што ќе се претстават дела на уметници, кои излагале на биеналиња во последниве години и како тие можат да аплицираат и да се вклучат на некое биенале.
Comments are closed for this post.