Поминаа 10 месеци од пропаѓањето на Еуростандард банката и два месеца од барањето на штедачите од пропаднатата банка за средба со премиерот Зоран Заев и со заменик премиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски. Нема одговор на нашето барање за таква средба, велат од здружението на штедачите од пропаднатата Еуростандард банка Правда за штедачи.
Тие во писмото до првите луѓе на македонската влада бараат некаков договор со власта за излез од агонијата во која се наоѓаат и тие и фирмите чии пари пропаднале во банката.
„Дадени беа многу ветувања од власта дека ќе се заложат за решавање на проблемот, но до денес нема никаков конкретен резултат или барем нешто на повидок дека проблемот ќе се реши. Затоа, преку ова наше барање, правиме уште еден обид да ги повикаме институциите на државата сериозно да го сфатат нашиот проблем, да покажат чувство за солидарност и да се обидат да го решат овој, за многумина од нас, проблем од животно значење“, пишува во писмото на Правда за штедачи датирано од 19 март. Ситуацијата не е ни за милиметар променета и денеска, велат од здружението.
Тие во писмото до Заев и до Николовски бараат државата да ги врати парите од стечајната маса на банката и да ги обештети штедачите. „Овој предлог бeше поддржан од пратеничките групи со кои разговаравме, но за жал меѓу нив не беа пратениците од владејачкото мнозинство. Во Собранието се одржа надзорна расправа, на која учествуваше и наш претставник, како и повеќе други фактори, мегу кои и главниот акционер во банката Трифун Костовски и гувернерката на НБРМ Анита Бежовска. Сепак, и од активностите во Собранието немаше конкретен резултат. Но, можноста за донесување на закон сѐ уште постои и оваа опција е една од решенијата за излез од ситуацијата во која се наоѓаме“.
Штедачите во писмото укажуваат на тоа дека во овој случај станува збор за криминал на кој надлежните институции не реагираа навремено. „Укажувавме на криминалните активности и шеми, но наидувавме на индолентен однос од надлежните државни институции… Недозволиво е од стечајната маса Фондот за осигурување како доминантен доверител да ги „собере“ сите средства, а ние да останеме практично без ништо“.
Штедачите сметаат дека е недозволиво државата да молчи на класичен случај на организиран криминал кој се случувал речиси една деценија пред очите на сите надлежни иснтитуции, почнувајќи од НБРМ, преку УЈП, Управата за финансиско разузнување, Финансиската полиција, Управата за перење пари и многу други институции задолжени за следење на текот на парите и спречување на кривични дела во делот на перење пари и финансиски тероризам. „Со оглед на тоа дека ништо не е спречено, туку напротив граѓаните се оставени на милост и немилост на криминалот, логиката е дека се работи за висок степен на корупција. Или некој не знаел да си ја врши работата или бил корумпиран и намерно правел пропусти… А раководните луѓе на Еуростандард банката секоја година добивале согласности од НБРМ и понатаму да ја водат банката… Државата поради пропустите во надзорот е главен виновник за пропаѓањето на банката, а најголема штета претрпеа депонентите – физичките и правни лица. А главниот збор во стечајната постапка го има државата, Фондот за осигурување на депозити преку стечајната постапка во целост ќе биде обештетен и со камата, а ние, депонентите, ќе останеме со кратки ракави. Сосема спротивно на формално-правните начела за „граѓаните пред се“ и „правда за сите“ како политички водилки во градењето на државата.
Затоа предлагаме да се укине приоритетот за наплата на побарувањата што го има Фондот за осигурување на депозити пред останатите доверители и своето побарување да го наплати од доверителите – физички и правни лица, но пред акционерите на банката. Во таков случај нема да има потреба од зафаќање на буџетски средства со цел обештетување на оштетените од Еуростандард банка. Ова може да се направи со измени и дополнувања на Законот за банки, кои од наша страна се веќе подготвени.
И второ решение е по примерот на пропаднатите штедилници, Законот за регулирање на побарувањата на штедачите од штедилниците ТАТ Битола, Алфа – С и Лавци Охрид од 5 јуни 2002 година“, пишува во писмото на здружението Правда за штедачи до премиерот и вицепремиерот Зоран Заев и Љупчо Николовски.
Comments are closed for this post.