Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, гостуваше во емисијата „24 отворено” на Телевизија 24, кадешто за актуелните прашаања поврзани со работничките права и работните односи дискутираше со претседателот на Сојузот на синдикати Дарко Димовски, претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров и претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Марјан Ристески.
Вицепремиерот Битиќи потенцираше дека во изминатите неколку години трипартитниот дијалог помеѓу синдикатите, организациите на работодавачи и Владата е подигнат на навистина високо ниво, се отвора широка дискусија за секое едно прашање важно за работниците и компаниите и се носат решенија коишо се во интерес на сите засегнати страни.
„Во кревко општество веројатно е проблематичен дијалогот и тоа го немавме пред некоја година. Мислам дека сега треба да нагласиме дека трипартитниот дијалогот во Економско-социјалниот совет помеѓу синдикатите и работодавачите е на навистина високо ниво. Јас последниве 12-13 години ја следам политичката сцена, сметам дека овој дијалог никогаш не бил на ова ниво, а тоа може да го потврдат и претставниците на работодавачите и синдикатите. Буквално моментумот дека разговараме за секое едно легитимно право, дали е на работниците или на работодавачите и отвараме било која тема, дали е тоа системски закон за работни односи или е друг закон, сметам дека укажува дека се уште не сме дојдени до таму кај што би сакале сите да бидеме, а тоа е работниците навистина да ги уживаат привилегиите на работничките права, но и работодавачите од друга страна да се чувствуваат лагодно во нивното функционирање затоа што некој не наметнува дополнителни барања. Ние како Влада се обидуваме да направиме некој баланс помеѓу барањата на синдикатите и работодавачите. Морам да признаам дека сме на добар пат, се уште имаме пат да изодиме”, рече Битиќи.
Вицепремиерот како еден од примерите за креирање на најсоодветно решение преку дискусија го посочи решението околу „недела – неработен ден”. „Ние околу Законот за работни односи, за „недела – неработен ден”, имавме навистина долга дискусија. Од првиот ден кога ја отворивме дискусијата за недела-неработен ден, кажавме дека тоа ќе биде направено на консултативен начин, помеѓу синдикатите и работодавачите, затоа што не можете да направите една системска промена, којашто бара промена во однесувањето на сите во општеството, а без притоа да ги прашате клучните чинители и затоа ние моравме, и за ова нема да се согласам дека отстапивме, моравме да осигураме дека во недела ќе има нормален животен процес на сите тие коишто нема да работат, а ќе имаат содржина со којашто нема да им се ускрати одредена услуга коишто тие би требало да ја добијат. Заедно со синдикатите и со Организацијата на работодавачи ги дефиниравме исклучоците за компании кои би работеле во недела. Ако отстапување е дека треба да има техничка поддршка за мобилната телефонија, јас велам, извинете ама тоа во 21 век не можеме да го занемариме. Не можеме да им забраниме на нив да работат, исто така мора да има техничка поддршка во банка за кредитните картички, треба да им овозможиме на одредени угостителски објекти во туристичките места да работат”, објасни вицепремиерот.
Битиќи додаде дека со законското решение за „недела – неработен ден” кое е поставено на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), е јасно утврдено кои се исклучоците за кои е дозволено да работат во недела, а по разгледување на сите коментари истото ќе биде предложено во собраниска процедура.
Нема да работат трговските објекти насекаде, на угостителските објекти ќе им се дозволи да работат во недела со одреден временски период, ќе им се дозволи според Законот за трговија на одредените дејности во трговија, во трговските центри, притоа морам да нагласам дека ќе се лимитира времето на работење, само во 1 смена од 10-18 часот, а притоа ќе плаќаат дополнително давачка за работењето во недела. Таа дополнителна давачка е до 2% од приходот заработен во неделата и таа давачка ќе оди наменски за градење на детски градинки. Дополнително, оние работници кои ќе работат во трговски центри, во недела, ќе добиваат 100% повисока дневница. Направивме еден модел заеднички во економско-социјалниот совет, во којшто дозволивме и да се работи, затоа што мораме да се грижиме за економијата, но исто така работниците да си уживаат одредени права.
Вицепремиерот го дообјасни концептот пришто спомена дека во недела ќе биде дозволено да работат трговците поединци, коишто самите го дефинираат работното време и притоа самите ќе ги извршуваат работните обрвски.
Comments are closed for this post.