Во дел од средните училишта од утрово има делумен бојкот на наставата. Некои класови одржуваат онлајн настава, некои не се вклучуваат, а во некои отсуствуваат дел од учениците. Учениците кои се претседатели на класот се јавуваат кај класните раководители за да информираат за одлуката да се бојкотира часот. Оправдувањето главно се сведува на зборот „солидарност“ со другите ученици. Учениците кои бојкотираат ќе се соочат со педагошки мерки.
ласните раководители, ги прашуваат учениците зошто бојкотираат, дали се поведуваат по повикот на некоја фејсбук-група, дали знаат дека евентуалното носење на законот за воведување на дигитални учебници не ги допира средношколците бидејќи е предвидено од септември да бидат воведени само за четврто одделение во основното образование и дали знаат дека бојкотот уште вчера го осуди Сојузот на средношколци, со оценка дека станува збор за политичка манипулација и злоупотреба.
Одговорот што го добиваат класните раководители главно се сведува на израз на солидарност помеѓу учениците.
Класните раководители ги информираа учениците уште вчера дека ќе се соочат со педагошки мерки, а денеска им повторуваат дека засега се само запишани нивните изостаноците од бојкотот како неоправдано отсуство од часовите. Наставниците очекуваат дека во текот на денот бојкотот ќе биде прекинат. Вчера во училиштата беа одржани состаноци на наставничките совети, а наставниците добија насоки да ги советуваат учениците дека не треба да отсуствуваат од наставата и дека на крајот од школската година непотребно ќе се соочат со педагошки мерки.
Вчера попладнето ученици почнаа да споделуваат порака адресирана до нивните родители за целосен бојкот на наставата и во основните и во средните училишта упатена од неформалната граѓанска иницијатива здружена на Фејсбук „Учебници и настава мора да има”.
Претставници на оваа група вчера преку прес-конференција побараа да се стопира постапката за донесување на законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование. Иницијаторите побараа од Министерството да се организира јавна расправа за предложениот закон, а нивни стручни претставници непосредно да учествуваат во негова ревизија и интервенции. Тие најавија дека родителите ќе ги повикаат на бојкот на наставата.
Вчера имаше делумен бојкот на наставата во средните училишта откако во текот на ноќта преку Вибер и Фејсбук се раширија повици учениците да не се вклучуваат во наставата како израз на протест поради предлог-законот за воведување на дигитални учебници. Пораките, по сѐ изгледа тргнаа од Струмица.
Министерството за образование уште еднаш соопшти дека печатените учебници нема да бидат исфрлени од употреба и дека реформата постепено ќе се спроведува почнувајќи од четврто одделение.
Претставничката на неформалната фејсбук-група Драгана Спасевска, која вчера ги соопшти барањата и најави бојкот, за МИА утрово изјави дека се бојкотира во повеќе основни училишта, а за средните, рече, нема информации.
Comments are closed for this post.