„Комплексно минато: разновидна иднина” е тема на годинашното одбележување на Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите – 18 Април, одредена од Меѓународниот совет на споменици и локалитети (ИКОМОС). Целта на темата годинава е да се иницира дискусија и критичко испитување на минатото преку зачувувањето на културното наследство, поттикнувајќи негово согледување и презентирање од различни гледишта и непристрасност при неговото толкување.
ИКОМОС сака да промовира нови дискурси, различни и нијансирани пристапи кон постојните историски наративи, поддржувајќи инклузивност. Тоа се, пред сè, осврти кон споменици и/или локалитети кои биле намерно разурнувани, споменици на опресија и угнетување, како и третманот на домородните населенија и нивното наследство, нагласувајќи ја повеќеслојноста на историјата и наследството и нивното различно значење за различни заедници, соопшти Националниот комитет – ИКОМОС Македонија.
Како еден од 107-те комитети на глобално ниво на ИКОМОС, Националниот комитет ИКОМОС Македонија утре и задутре (15 и 16 април) на своите страници на социјалните мрежи (Фејсбук, Линкдин, Твитер и Инстаграм) ќе спроведе интерактивна онлајн-анкета поврзана со глобалната тема, а резултатите ќе ги објави на 18 април.
Целта е да отвориме дискусија и размена на мислења и ставови околу темата „Комплексно минато: разновидна иднина”. Ги покануваме за учество сите наши следбеници и целата јавност која би сакала да ни се придружи во оваа наша активност, надевајќи се на плодна, конструктивна и разновидна дискусија, информира Националниот комитет на ИКОМОС.
Датумот 18 април за одбележување на Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите е востановен во1982 година.
Comments are closed for this post.