Наместо на платата најавеното покачување за 5% – вработените во здравството ќе го добиваат како бонус. Министерот за здравство вели дека причината е што парите се обезбедени преку кредит од Светската банка, поради што покачувањето не може да се пресмета во основната плата и затоа ќе се дава како додаток.
Бонусот од 5% кои вработените во здравството требаше да го добијат за март – ќе им биде исплатен со априлската плата.
Со оглед на тоа што таа сума на средства од 5% доаѓа како поддршка преку кредитот на Светска банка и не може да се пресмета во основната плата ќе биде како бонус, односно ќе биде како додаток. Во таа смисла ќе биде и нешто поголема сума, заради тоа што ќе биде само дополнување и дефинитивно заклучокот е дека не треба да биде дел од анексот, значи административна беше работата, разговаравме за опциите и можностите, но во секој случај средствата се обезбедени и дефинитивно овој месец ќе ги добијат петте проценти, изјави Филипче.
Од синдикатот за здравство, фармација и социјална заштита пак очекуваат бонусот од 5% да стане плата како што и беше највено од страна на власта. Претседателот Каранфилвоски вели дека обезбедени се пари за најавениот бонус, но само за неколку месеци односно до ноември.
За нас беше прифатливо сето ова да биде како преоден период, но да продолжи во 2022-ра година – овие 5% да бидат трансформирани во единицата за пресметка на плата, со што фактички ќе беше и покачување на платата, но ни беше кажано дека додека не се обезбедат средствата во буџетот за 2022-ра година – нема да може да го потпишат во анексот на колективниот договор за здравствена дејност, па затоа сето ова ќе биде со одлука на Влада.“ – вели Љубиша Каранфиловски претседател на Самостојниот Синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
Бонусот да биде на плата очекуваат и од Самостојниот синдикат на вработени во Клиничкиот центар Мајка Тереза, а реагираа и од Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти од каде потенцираат дека се уште има доктори кои што дежураат за без пари.
Министерот Филипче во средината на март преку објава на Фејсбук информираше дека започнувајќи од мартовската плата ќе има зголемување на платите за сите вработени во здравствениот сектор за пет проценти.
Истовремено од Синдикатот потврдуваат дека дел од здравствените работници кои што работеа во КОВИД центрите, се уште немаат добиено надоместок, кој исто така им беше ветен од здравствените власти. Според индормациите на Синдикатот станува збор за над 2 000 здравствени работници кои се уште не добиле надоместок.
Comments are closed for this post.