Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на работната посета на Италија, оствари средба со министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Италијанската Република, Луиџи ди Мајо.
На средбата беа разгледани можностите за продлабочување на политичките и економските односи, вкупната билатерална соработка во сите сегменти од заеднички интерес, како и регионалните актуелни состојби и соработка.
„Италија во континуитет е меѓу топдесетте земји според големината на трговската соработка со Северна Македонија, која надминува половина милијарда евра, а во 2019 година достигнува дури 720 милиони евра. Овој претставуваа значаен придонес во нашата економија, но со оглед на политичката поддршка, географската близина и традиционалната соработка, сметам дека постои потенцијал за уште поголема економска активност, особено за италијанските инвестиции кои се повеќе од добредојдени во Северна Македонија”, истакна Османи на средбата
Фокусот на разговорите беше ставен и на европскиот кредибилитет во регионот, тесно поврзан и со кредибилитетот на самиот процес на проширување, усогласувањето на Преговарачката рамка за Северна Македонија и силната и активна поддршка на Италија за почеток на преговорите за нашата земја.
„Остануваме цврсто на патот на европските интеграции. Европските реформи мора да продолжат, особено во областите на владеењето на правото, со видливи резултати и во борбата против криминалот и корупцијата. Ние мора целосно да ја завршиме и нашата подготовка за почеток на преговорите, да ја до-оформиме преговарачката структура, да ги зајакнеме капацитетите за преговарање; исто така, мора да продолжи усогласувањето со европските правила и стандарди во рамките на процесот на Стабилизација и асоцијација, да продолжи и имплементацијата на европското законодавство, како и да продолжат сите оние активности кои условно имаат европски контекст”, нагласи Османи, уверувајќи дека Северна Македонија врсто останува на определбата за полноправно членство во Европска Унија.
Посетата на Италија доаѓа во исклучително важен момент за процесот на проширување на Европската унија и во таа насока беше изразена согласност дека отворањето на пристапните преговори ќе донесе повеќекратна корист – како за Северна Македонија, така и за Регионот; но и за кредибилитетот на заложбите на ЕУ за довршување на процесот на Европското обединување.
Османи и Ди Мајо разговараа и за можностите од продлабочување на билатералните односи во останатите сегменти на општествената соработка; меѓусебната поддршка во мултилатералните организации и секторската соработка меѓу двете држави; а се осврнаа и на актуелностите поврзани со справување со здравствените и социо-економските последици предизвикана од пандемијата како и за процесот на имунизација како важен елемент за надминување на кризата.
Во текот на денот, Османи ќе се сретне и со претседателот на Комисијата за надворешни работи при Долниот Дом на италијанскиот Парламент, ПиероФасино.
Посетата на Рим Османи ќе ја искористи и за посета на Светата Столица каде ќе има средба и со ватиканскиот секретар за односи со државите, монсињор Пол Ричард Галагер.
Comments are closed for this post.