Долгометражниот игран филм „Улиште“ (Hive), копродукција меѓу Косово, Швајцарија, Македонија и Албанија, влезе во главната Интернационална натпреварувачка програма на 38. Филмски фестивал „Санденс“. Во оваа програма ќе се прикажат десет филмови од целиот свет, меѓу кои и „Улиште“, кој е првиот долгометражен игран филм на младата режисерка од Косово, Блерта Башоли.
По краткометражниот игран филм „Види ја ти неа“ во режија на Горан Столевски, кој ја доби наградата „Најдобар интернационален краток игран филм“ во 2017 година, ова е втор филм со кој „Црна Мачка Продукција“ се преставува на филмскиот фестивал „Санденс“.
“Улиште“ се базира на вистинска приказна, претставувајќи го ликот на жената Фахрије, чиј сопруг исчезнува во војната во Косово. „Фахрије, додека трага по него, одлучува да започне мал земјоделски бизнис за да обезбеди егзистенција за своето семејство. Но, во традиционалното, патријархално опкружување, на нејзината амбиција за еманципација не се гледа како на нешто позитивно. Нејзиниот бизнис започнува добро, освен пчелите во нејзиното улиште (кошница), кои се чини дека се хаотични и агресивни кон неа. Во своите обиди да најде мир со пчелите, таа наоѓа мир и со самата себе…“, е дел содржината на филмот, посочи продукцијата „Црна мачка“.
Главната улога ја толкува Јилка Гаши, а меѓу актерите кои играат во филмот се: Чун Лајчи, Кумрије Хоџа, Аурита Агуши, Адријана Матоши, Астри Кабаши, и од Македонија – Адем Карага, Зарије Јонузи Челику и Шќелќим Ислами.
Башоли се потпишува и како сценарист, кинематографер е Алекс Блум, а сценограф е Влатко Чачоровски. Продуценти на филмот се Јил Ука, Валон Бајгора, Агон Ука, а копродуценти Брита Ринделауб, Кристијан Буровски, Томи Салковски, Паскал Семини. „Улиште“ е поддржан од Косовскиот кинематографски центар, Федерална канцеларија за култура ФОЦ и Синефором (Швајцарија), Агенцијата за филм на Македонија и Националниот центар за кинематографија на Албанија, а е во продукција на Филм Индастри и Иконе Студио со Алва филм, Црна Мачка продукција, Албаскај и Швајцарската национална телевизија.
Фестивалот „Санденс“ ќе се одржи од 28 јануари до 3 февруари 2021 година во Парк Ситу, Јута, САД, а е во организација на Санденс институтот основан од страна на реноминираниот актер Роберт Редфорд. Овој фестивал има за цел да ја поврзе публиката со уметниците во креирањето на нови идеи, откривањето на оргинални изрази и градењето на заедница посветена на независниот филм.
Comments are closed for this post.