Владата го разреши в.д. директорот на Казнено-поправната установа Скопје, Есад Рахиќ, а за нов директор го назначи Филип Андов, советник на премиерот Заев, кој претходно работел како менаџер на локални барови.

Истражувачката репортерска лабараторија Македонија информира дека Филип Андов, кој е назначен за нов директор на КПУ Скопје, претходно бил советник на премиерот Заев за креирање на политики кои се од посебен интерес на граѓаните на Град Скопје, додека паралелно тој професионално работел и како стопанственик во бизнис секторот, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници.

Тие сметаат оти со ова се отвора прашањето дали компетенциите на новоизбраните директори одговараат на висината на задачата, а тоа е раководење со една од најголемите казнено-поправни установи и со единствената воспитно-поправна установа во државата. Лицата кои раководат со овие установи мора да имаат претходно искуство во областа на извршувањето на санкциите. Тие мора добро да ја разбираат проблематиката за да ја застапуваат установата, да се грижат за унапредување на правата на притворените и осудените лица, да одлучуваат за нивните погодности и обврски, за нивниот третман и работен ангажман со цел ресоцијализација и нивна понатамошна социјална интеграција во општествениот живот.

Во последниот период е нотиран некаков напредок во поглед на подобрување на условите и состојбите во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија. Така, реконструирана беше најголемата казнено-поправна установа во државата – Идризово во чии нови нови објекти беа трансферирани голем број осудени лица. Заврши и реконструкцијата на КПУ Битола, со комплетно опремување на просториите во кои престојуваат осудените лица, а беше отворен и новиот објект на Воспитно поправниот дом во општина Волковија. Покрај ова, не смее да се занемари фактот дека во некои установи се уште постојат системски проблеми, кои се провлекуваат во оваа област подолг период. Пенитенцијарниот систем се уште се соочува со големи тешкотии и предизвици, особено во поглед на материјалните услови, здравството, образованието и ресоцијализацијата на осудените лица, велат во соопштнието од Хелсиншки комитет.

Поставувањето на несоодветни кадри е сосема спротивно на ваквите заложби и може да доведе до уназадување, наместо до унапредување на пенитенцијарниот систем во земјава.

Години наназад, апелираме на потребата да бидат назначени луѓе на раководните позиции во казнено – поправните установи, кои не само што имаат експертиза и искуство во затворскиот систем, туку се и сензибилизирани за потребата од унапредување и заштита на основните човекови права на осудените и притворените лица, соопштуваат од Хелсиншки комитет.