Претседателот Стево Пендаровски во редовното годишно обраќање пред пратениците упати силен апел празниците да ги прославиме во кругот на најблиските, бидејќи премногу луѓе изгубивме од епидемијата за да дозволиме нови човечки и семејни трагедии. Поминавме низ голгота што не паметат многу генерации зад нас, изгубивме над 2.000 граѓани, и кога издржавме цела година со мерките, да издржиме уште некој месец,порача претседателот. Големите бројки на умрени тој ги препиша на повеќедецениското структурно пропаѓање на здравството во државата кое ќе резултираше и со повеќе жртви, според него, ако не беа деноноќните напори на здравствените работници и институциите. притоа тој повика да извлечеме поуки од оваа ситуација и да почнеме да ги поставуваме на здрави основи сите делови од системот кои потфрлија, напоменувајќи дека никој не знае дека нема да се соочуме со уште некоја нова епидемија. Од своја страна, тој најави дека ќе иницира јавна дебата за изработка на закони за воена и вонредна состојба, како и за целокупниот кризен менаџмент, заради поголема координација на институциите во ваква состојба, поголема транспарентност во работењето во тие услови и спречување на злоупотреби.
Осврнувајќи се на очекуваната вакцинација против корона вирусот и отпорите што се забележуваат во јавноста, Пендаровски посочи дека недоволно внимание било посветено на ранливоста на граѓаните од пропагандата, дезиндормациите и лажните вести, така што сега преостанува да се справиме со долгорочните последици од недовербата во институциите и во здравствените работници.
-Не смееме да дозволиме во 21 век за вакви сериозни прашања како вакцинацијата да доминираат ставовите на полуписмени експерти и шарлатани, рече Пендаровски без влакно на јазикот.
Тој нагласи дека за многу малку прашања во државата беше постигнат консензус, а во тој поглед ратификацијата на членството на НАТО е голем чекор. Тоа не значи, порача тој, дека не постојат нови предизвии на модерното време, хибридни и сајбер закани, но за првпат во таа борба не сме осамени. Тој притоа извести дека досега за сите функционери кои имаа контакт со класифицирани информации беше потребен национален безбедносен сертификат, а од март годинава треба сертификат од НАТО кој мора да ги исчисти тие што се вклучени во безбедноста и одбраната а имаат контакти со други држави или инволвираност во висока корупција. Тоа, според него, е многу комплексен и ригорозен процес што е во тек и по кој во другите земји членки дури 10 до 15 проценти од високите воени, полициски и политички кадри биле дистацирани, заклучувајќи дека членството во НАТО значи реална промена и не е само реторичка работа.
Околу ветото на Бугарија, Пендаровски остана доследен на досегашните оценки. Ако цената за влез во ЕУ е да се откажеме од идентитетот и јазикот, тогаш нема да се согласиме, порача тој во обраѓањето, нагласувајќи дека за оваа изјава бил критикуван од некои кругови, но останува убеден дека членството во ниту една организација не е вредно ако треба да се откажете од тоа. Ние, рече Пендаровски, не преговаравме со Грција за додавка туку пред се за да се идентификуваме пред светот и потпишавме договор пред се зошто пред ОН со него го потврдивме идентитетот.
-Правото да се идентификуваме како Македонци кои зборуваат македонски јазик е надвор од секоја дебата и е завршено.
За барањата за одржување лидерска средба за утврдување на црвените линии рече дека, и покрај тоа што лани и годинава на барање на политичките партии беа одржани повеќе вакви средби, негов став е дека тој вонинституционален формат треба да го напуштиме зошто нема институционален легитимитет. Освен тоа, нагласи Пендаровски, никој не го ни спори македонскиот идентитет и несериозно е да се соберат сите политички партии и да потпишуваат дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик. Според него, нашите црвени линии одамна ги имаат утврдено оние кои ја имаат направено оваа држава. Уште повеќе, тој оцени дека најголемите политички партии во земјата имаат потполно идентичен став за овие прашања околу идентитетот, но се разлиуваат во однос на методите како да се дојде до тоа.
-Не познавам ниту еден во државата кој е подготвен да тргнува со идентитетот, затоа да го тргнеме ова прашање од дневната агенда, рече категорично Пендаровски.
Тој ја отвори и дилемата присутна во некои кругови дали политичарите Албанци ја поддржуваат оваа борба сега со Бугарија.
-Тврдам дека албанскиот политичлки фактор и на власт и во опозиција секогаш имал крајно разбирање за овие ставови и го правеше уште посилен нашиот став. Северна Македонија е заедничка куќа за сите нас, беше пораката на претседателот и за дома и за тие надвор што сметаат на наша внатрешна поделба. Наедно тој ја отфрли можноста да се откажеме од евроинтеграцијата поради ветатат со кои се соочуваме, порачувајќи дека ЕУ е далеку од совршена, но се уште е незаменлив инструмент за демократизација, така што ќе учествуваме само во иницијиви ако се комплем со Унијата и не прставуваат алтернатива на неа.
За пописот тој рече дека беше проблем досега бидејќи се перцепира како политичка место како статистичка операција, па апелираше до владата да ги примени сите стандарди на Евростат и да ги разгледа сите конструктивни забелешки на опозицијата. Тој цврсто порача исто така дека нема намера да поддрѓи спорење на правата на Албанците во Македонија ако бројките покажат намалување.
-Не постои држава во светот која напреднала преку уназадување на правата на своите граѓани или проблематизирајќи го нивниот правен и политички статус, рече Пендаровски посочувајќи дека во историјата веќе направивме таква грешка која резултираше со тензии.
Меѓу големите предизвици тој го отвори и прашањето за иселувањето кое го оцени како една од најголемите актуелни безбедносни закани за државата бидејќи од него зависи економскиот развој на земјата . Според негова оценка меѓудругото младите си заминуваат поради неквалитетот на живот во Македонија поради што час поскоро сите политички партии треба да усвојат стратегија како да се одговори на овој проблем.
-Неповратно заминува паметта на цели генерации. По инволвираноста на првиот човек на СЈО граѓаните загубија надеж дека е можна борбата со корупцијата и дека правдата е достижна. Имаме обврска да ја вратиме. Успехот во таа борба ќе биде клучниот индикатор по кој нашите граѓани ќе ценат дали владата го оправда мандатот што го доби на изборите, забележа Пендаровски.
На крајот тој реплицираше и на нападите од ВМРО-ДПМНЕ кое ги „замрзна“ односите со него порачувајќи дека во секоја можна политика се обидувал да го одржи дијалогот со сите политички партии, со невладинитеорганизации и разни преставници на граѓаните, но не секогаш бил успешен зошто место волја за разговор од другата страна постоеле предрасуди, но решен е да остане доследен на тој принцип.
Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски пред пратениците:
На самиот почеток, дозволете ми да изразам сочувство до најблиските на сите кои ги загубија животите како последица на пандемијата со Ковид-19 и да ве замолам сите присутни во салава да им оддадеме почит со едноминутен молк на нашите 2169 сограѓани кои, за жал, ја загубија битката со вирусот. Слава им!
Би сакал да им изразам благодарност на лекарите, на медицинскиот персонал и на сите граѓани кои беа и сѐ уште се на првата линија на фронтот во борбата со пандемијата. Тие се вистинските херои на оваа 2020 која сосема неочекувано стана една од најтешките години од нашата независност, и кои секојдневно, на дело покажуваат дека хуманоста и солидарноста не се заборавени категории и дека децениите на тешко живеење и години на мачна транзиција не нѐ обесчовечија, за да заборавиме на страдањата на другите.
Почитувани,
Пандемијата требаше да биде момент на отрезнување за сите во државата и да доведе до сплотување на нацијата соочена со непознатиот противник, без оглед на сосема легитимните политички, етнички и човечки разлики меѓу нас. Во еден дел таа го постигна тоа, меѓутоа, за жал, во другиот, ги засили постоечките антагонизми, го зголеми јазот на поделби во општеството и исфрли на површина институционални слабости, што сѐ заедно, покрај здравствената и политичка криза, ја поткопа и економијата, која кон крајот на годинава и официјално влезе во рецесија.
Државата речиси девет месеци остана без функционално Собрание и мораше за прв пат од нашата независност, да биде воведена вонредна состојба за да овозможиме системот да функционира,економијата да преживее, а Владата да има поширок правен простор да им помогне на граѓаните и на стопанските субјекти кои беа најтешко погодени.
Сите ги паметиме мачните сцени, дури и во некои од најмоќните држави на светот, каде што луѓето чекаа пред вратите на болниците во кои немаше слободен кревет. Пандемијата изврши огромен притисок врз нашиот здравствен систем, но, секоја објективна анализа ќе покаже дека државата, генерално, ја менаџираше состојбата со пандемијата на рационален начин со планска дистрибуција на ограничените ресурси кои ни се на располагање, со што избегнавме колапс што веројатно ќе значеше поголем број на жртви и заболени.
За време на пандемијата успеавме да организираме парламентарни избори, на кои околу 940.000 луѓе го искористија своето право на глас, но, масовната бројка на гласачи не беше причина за ширење на вирусот. Изборите кои во време на пандемија беа едни од првите организирани во светот, беа оценети од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР како демократски, и тоа покажа дека имаме капацитет и во исклучително сложени услови да организираме избори и да формираме демократски институции.
Неколку пати го свикував и Советот за безбедност за да договориме подобра координација меѓу институциите и имплементација на неоходните мерки, а, ја вклучив и Армијата во поддршка на здравствениот сектор и полицијата и за време на вонредната состојба и за време на кризните состојби прогласени на општинско и на државно ниво.
Знам дека ваквите оценки нема ништо да им значат на семејствата кои ги изгубија своите најмили, но, структурното, децениско пропаѓање на здравствениот систем лесно можеше да придонесе за уште полоши резултати, ако не беше деноноќниот ангажман на здравствените работници, војската, полицијата и на илјадниците волонтери.
Наша прва и најважна задача што нѐ очекува како држава, веднаш по ставањето под контрола на пандемијата е да направиме длабинска анализа за функционирањето на нашиот правен, политички и економски поредок во изминатава година, да извлечеме поуки и да ги поставиме на здрави основи сите делови од системот кои потфрлија, затоа што никој не знае дали некоја нова пандемија не нѐ чека веќе на следиот свиок на историјата.
Во овој контекст, во делот на моите надлежности, на почетокот на следната година ќе иницирам јавна дебата која треба да даде придонес за изработка на закони за воена и вонредна состојба и правна рамка за реформа на целокупниот систем на кризниот менаџмент. Притоа, единствената наша цел треба да биде да ги додефинираме правните основи за подобра координација меѓу институциите во кризни времиња, поголема транспарентност во нивната работа и подобри механизми за контрола како брана против евентуалните злоупотреби од страна на власта.
Меѓутоа, постои нешто што со ниту еден закон не може да се регулира и каде што ниту една уредба и правилник не помагаат. Ограничувањето на човековите права и слободи, а особено ограничувањето на движењето и на социјалните контакти меѓу луѓето, што беше изнудена мерка, имаа и значаен негативен психолошки ефект врз граѓаните. Имам чувство дека во такви услови кога наша примарна задача беше борбата со вирусот, не само овде и не само ние, недоволно внимание посветивме на ранливоста на граѓаните кон пропагандата, дезинформациите и лажните вести во оваа посебна општествена состојба.
Справувањето со здравствената криза е сериозен предизвик, но, избегнување на долгорочните негативни последици од недовербата на граѓаните во институциите, но и во науката и струката, која се интензивираше во време на пандемијата, е не помал предизвик. Она што сигурно нѐ очекува е нов бран на негативни кампањи кои ќе ги обесхрабруваат луѓето да се вакцинираат преку ширење на теории на заговор на социјалните мрежи. Затоа, кампањата за вакцинирање, кое секако ќе биде на доброволна основа, ќе мора да се води и преку лични примери. Не смееме да дозволиме, во 21-от век, за вакви сериозни прашања, полуписмени шарлатани и надрилекари да доминираат над најголемите научни имиња и институти кои во изминативе два века, од појавата на првите вакцини, спасија милиони човечки животи.
Почитувани,
Оваа 2020 станавме и полноправна членка на НАТО Алијансата. На 11 февруари оваа година, кога го ратификувавме Протоколот за пристапување, на седницата на Собранието реков:
“Во изминатите години, за жал, имаше многу малку прашања за кои постигнавме целосен државен консензус, а кога зборувам за тоа, не мислам само на консензус меѓу политичките елити или партии. Мислам на консензус кој ги обединува сите граѓани, независно од нивните разлики, според нација, вера или јазик. Без претензија да звучам патетично, сметам дека денешната одлука за ратификација на Северноатлантскиот договор е голем чекор во заокружувањето на македонската државност и удирање печат на нашиот територијален интегритет и суверенитет. Честа да ја донесеме оваа историска одлука ја добивме ние, претставниците на граѓаните во законодавната и извршната власт. Сега одговорноста е на нашата генерација: да му покажеме на светот дека кога се верува во исти вредности не постојат разлики меѓу малите и големите држави”.
И денес стојам зад изречените квалификации затоа што сум свесен за историските пропорции на постигнатото. Меѓутоа, тоа не значи дека сите проблеми се зад нас и дека не постојат нови предизвици кои ги носи модерното време. Хибридните закани, сајбер заканите и лажните вести беа и тоа како присутни и во време на пандемијата, а ќе бидат и во иднина. Но, за прв пат во нашата историја ние не сме осамени во борбата против старите и новите закани. Заедно со нас се и 29 демократии и 29 армии како наши сојузници.
Во контекст на нашите обврски поврзани со членството во НАТО, во оваа прилика сакам да укажам на еден аспект, кој до сега не е дебатиран во јавноста, една обврска која е исклучително значајна и која претставува, де факто, прв ветинг на највисоките политички, безбедносни, одбранбени и разузнавачки ешалони на власта.
Досега, за сите функционери кои имаа контакт со класифицирани информации беше потребен т.н. национален сертификат за пристап до нив, но, од март оваа година е неопходен НАТО сертификат за пристап до класифицирани информации, што значи дека, освен нас, и сите земји-членки на Алијансата мораат да потврдат дека конкретниот функционер е чист по две основи: прво, контакти со држави, ентитети и поединци кои го третирааат НАТО како свој опонент, второ, инволвираност во случаи на висока корупција каде што постои можност да бидат злоупотребени од малигни држави, поединци и ентитети.
Тоа е многу комплексен и ригорозен процес кој е во тек и кој во случаите на претходните приеми на држави во НАТО, во просек, дистанцирал од доверливите информации од 10 до 15% од високите воени, полициски и политички лица. Првата фаза од тој процес кај нас веќе привршува, јас се надевам дека на неговиот крај ние ќе излеземе со многу помал процент на одбиени функционери, меѓутоа, секој од нас мора да е свесен дека членството во Алијансата поддразбира личен пример и вистинска, а не само реторичка поддршка на вредностите врз кои таа организација е поставена.
Почитувани пратеници,
Минатата година во едно мое интервју реков дека ако цената за да влеземе во Европската Унија е да се откажеме од идентитетот и јазикот, тогаш нема жив Македонец кој ќе се согласи со таквиот услов. За тој став, бев критикуван од некои кругови кои велеа дека е погрешен и дека ние треба да направиме сѐ, и без оглед на цената да влеземе во Унијата. И тогаш и денес сум убеден дека членството во ниту една меѓународна организација не е вредно ако од вас бараат да се обезличите. За таквиот предлог дури нема потреба да се распишува референдум – затоа што резултатот ќе биде однапред познат. Ние не преговаравме 25 години со Хеленската Република само за додавка во името, туку, пред сѐ, за меѓународна потврда од целиот свет, преку Организацијата на Обединети Нации, за тоа кои сме и што сме. На крајот, направивме компромис само затоа што и во грчкиот парламент и во Обединетите Нации беше ратификувано
и потврдено дека ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик.
Лани во годишното обраќање во ова Собрание реков: “ние сме апсолутно подготвени да ги соочиме аргументите за одредени историски контроверзи поврзани со различните толкувања на еден ист настан или личност, меѓутоа, правото да се идентификуваме како Македонци кои зборуваат македонски јазик било и ќе биде надвор од било каква дебата, бидејќи тоа се одамна завршени историски процеси”.
Изминатава година, во контекст на спорот со Бугарија, имаше предлози за свикување на лидерска средба или на посебна седница на Парламентот на која наводно треба да ги утврдиме нашите црвени линии во разговорите со Софија.
Во однос на лидерска средба, сакам да кажам дека иако минатата и оваа година, на барање на политичките партии, под мое раководство беа одржани повеќе такви средби, мојот став е дека таквиот вонинституционален формат на средби, во принцип, треба да го напуштаме, затоа што лидерските средби се, во суштина, замена за институциите кога тие немаат полн легалитет и легитимитет, што кај нас не е случај. А, во врска со свикување на посебна седница на парламентот, иако тоа е надлежност на овој дом, исто така не гледам потреба за такво нешто, затоа што ниту еден парламентарен политички субјект не го спори идентитетот на македонскиот народ и јазик. За мене е несериозно во 2020 година, да се соберат сите релевантни политички партии и политичари и свечено да потпишат дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик!?
Длабоко сум убеден дека ниту еден од денешната генерација политичари нема право да се договара или преговара за тие прашања, и денес и во иднина, затоа што нашите црвени линии одамна ги имаат утврдено оние кои ја направија оваа држава во 1944-та година и тоа со државотворните акти на Првото заседание на АСНОМ: Манифестот до македонскиот народ и Документот број 8 за воведување на македонскиот јазик како службен во македонската држава.
Во однос на ставовите по ова прашање на најголемите политички партии, имам кажано и порано, денес ќе повторам: тие имаат потполно идентичен став по однос на нашиот идентитет и се разликуваат само во однос на методологијата како до дојдеме до целта. Ви зборувам од моето лично искуство: во целокупниот македонски политички врв и во власта и во опозицијата јас не познавам ниту еден кој е подготвен да тргува со најсветите работи за секој Македонец. Затоа и предлагам, ова прашање да го тргнеме од дневно-политичката агенда и да не ја трошиме енергијата околу тоа.
Дозволете ми, во рамките на истово прашање, да го искажам мојот став во однос на однесувањето на политичките претставници на нашите сограѓани Албанци и нивниот однос кон прашањата кои го тангираат македонскиот идентитет. За жал, кај еден дел од етничките Македонци долги години наназад постои сомнеж: дали политичарите – Албанци ја поддржуваат нашата борба за поширока меѓународна афирмација? Одговорно тврдам, бидејќи сум сведок на овие процеси повеќе од 20 години, уште кога во 1990-тите преговаравме со Грција, дека албанскиот политички фактор и кога бил на власт и во опозиција, сите овие години имал крајно коректно однесување и разбирање за нашите напори да го сочуваме и промовираме македонскиот идентитет. Таквиот став ни помагаше да бидеме посилни на сите средби со странските емисари затоа што знаевме дека зад себе имавме усогласена државна позиција. Впрочем, поинаку и не може да биде затоа што Северна Македонија е заедничка куќа за сите нас во која нема поделба на потстанари и газди.
Конечно, и наспроти бугарското вето, никој да нема никаква дилема: Северна Македонија ќе продолжи кон Европската Унија, затоа што сме убедени дека само преку процесите на европеизација можеме да станеме реална и просперитетна демократија во релативно краток временски период. Европската Унија е далеку од совршена, националните интереси често ја парализираат, атрактивноста на нејзиниот модел и претпристапните фондови не се нивото на кое беа пред 15 или 20 години, но, сѐ уште е незаменлив инструмент за демократизирање, а со нејзините
вредности инспирација за милиони луѓе во светот. Притоа, нема да прифатиме никаква резервна варијанта, а, ќе учествуваме во сите регионални и континентални иницијативи само ако тие се комплементарни, и не претставуваат замена за членството во Унијата.
Алтернативата на овој европски пат е да вегетираме со низок животен стандард наместо да го живееме животот, да ја губиме енергијата во историски спорови, да се гушиме во национализми, да отвориме простор за авторитарни тенденции, и да ги броиме младите кои заминуваат. Знам дека огромен број од нашите граѓани не би сакале да видат ваков развој на настаните.
Почитувани пратеници,
Во собраниска процедура е предлог–законот за попис околу кој подолг временски период наназад постојат дијаметрално спротивставени ставови затоа што кај нас, наспроти сите апели за разумен пристап, за жал, пописот не се перцепира како статистичка, туку, како класична политичка операција. Во оваа прилика сакам да апелирам до власта да ги вгради во текстот сите највисоки статистички стандарди на Еуростат и сите конструктивни предлози на опозицијата за да добиеме валидни резултати чија кредибилност нема никој да ја оспорува.
Уверен сум дека високите политички тензии околу овој, за државата, стратешки важен потфат, во голема мерка би биле намалени доколку сите политички субјекти јавно ја образложат својата цел која очекуваат да биде постигната со донесување на законот: дали добивање на прецизни статистички податоци врз чија што основа ќе може да формулираме долгорочни политики и стратегии во виталните области или политизација на резултатите од пописот заради оспорување на статусот на етничките заедници.
Моето видување по ова прашање сум го кажувал многу пати и немам проблем да го изнесам јавно ниту денес: не постои држава во светот која напредувала преку кратење на правата на своите граѓани или со проблематизирање на нивниот правен и политички статус. Таква грешка ние направивме во далечните 80-ти години од минатиот век и тоа резултираше со меѓуетнички тензии кои драстично ја намалија кохезијата на општеството и неговата отпорност на кризи.
Почитувани,
Дали конечно ќе ја поставиме на здрави темели правната држава не е прашање на техничка реформа на некоја од правосудните институции. Тоа е егзистенцијално прашање за опстанокот на нашата држава. Од правната држава директно зависат: економскиот развој, демократијата, конечно, и емиграцијата. Младите и способните не ја напуштаат својата земја само заради гол опстанок, туку, често и поради (не)квалитетот на животот. А, правдата е еден од клучните аспекти на квалитетот на животот. Секој сака да живее во организирано општество и во држава со предвидлива иднина.
После години поминати во следење и анализа на катастрофалните демографски индикатори, треба да разбереме дека иселувањето е една од најголемите закани за нашата национална безбедност. Решението, според мене е, час поскоро, со натпартиски консензус да усвоиме стратегија за справување со овој огромен проблем. За ова, сите партии и политичари имаме идентичен став затоа што се иселува нашата младост, независно од етничката припадност. Неповратно заминува паметта, енергијата и креативноста на цели генерации кои имаат огромен потенцијал да ја направат својата земја пристојно место за живеење.
По случајот во кој беше инволвиран првиот човек на некогашното СЈО граѓаните како уште повеќе да изгубија надеж дека правдата и борбата против корупцијата се возможни. Наша обврска како политичари е, не на некој друг, таа надеж дека правдата е достижна и дека нема недопирливи, да им ја вратиме на граѓаните.
Владата ја постави борбата против организираниот криминал и корупцијата за свој највисок приоритет и тоа е за поздравување. Меѓутоа, во Владата, исто така, треба да бидат свесни дека успехот во таа борба, ќе биде во исто време и клучниот индикатор, според кој, не Брисел, туку нашите граѓани ќе ценат дали ќе го оправда мандатот што го доби на изборите на 15 јули.
Почитувани,
Нам не ни е нужен дијалот за историски прашања од антиката или од 19 век, ниту за тоа кои сме и на кој јазик зборуваме. Нам ни треба национален консензус за сеопфатна дигитализација на општеството, за обновливи извори на енергија, современ агросектор, модернизиран здравствен систем, образование на 21 век.
Од Првата индустриска револуција до денес постои една константа во развојот на државите: примената на технолошките иновации е главниот фактор за прогрес на општествата. Светот е на почетокот на четвртата индустриска револуција, каде што образованието 4.0 е клучната компонента.
Северна Македонија мора да се трансформира во стартап земја, земја во која се поддржуваат и промовираат иновациите и новите технологии преку отворање на инкубатори и технолошки паркови. За сето тоа се потребни структурни промени во нашиот образовен систем кој треба да ги подготвува учениците да решаваат проблеми, наместо да меморираат готови решенија, како што е денес, за жал, во многу училишта.
Во текот на оваа година се обидував во секоја можна прилика да го оддржувам дијалогот со политичките партии, со невладините организации, со еснафските здруженија, со поединци од сите краишта на земјата кои или имаа некој проблем или сакаа некоја своја идеја да ја презентирааат пред институциите. За жал, во негување на дијалогот не бев секогаш успешен затоа што понекогаш на другата страна наместо волја за разговор постоеја политички предрасуди. Но, независно од тоа, јас ќе останам доследен на мојот основен принцип и во политиката и во животот дека за сите прашања и проблеми до решенија се доаѓа низ дијалог и почит за секого.
Во наредниот период ќе продолжам да разговарам со здруженијата за човекови и работнички права, со оние кои се маргинализирани и ранливи, со оние чиишто глас често не допира до нас, затоа што борбата за достоинствен живот и за правично и солидарно општество не смее никогаш да застане.
Почитувани граѓани, почитувани пратеници, почитувана јавност,
Изминатава година, како народ, поминавме низ најголемата голгота каква што не паметат ниту нашите највозрасни граѓани. Плативме огромна цена, над 2.100 наши сограѓани го изгубија својот живот, многу семејства останаа унесреќени за навек. Честитајќи ви ги на сите престојните празници, сакам, не само како претседател, туку како еден од вас, да ве замолам да ги прославите дома во кругот на најблиските за да го сочуваме најскапоценото што го имаме – здравјето и животот. Кога издржавме цела година, со маски, карантин, изолација и ограничено движење, ве молам, да издржиме уште некој месец пред да почнеме да се враќаме во нормала. Ќе има време и за излегување и за дружење и за муабети со пријателите и другарите. Но, премногу луѓе изгубивме за да си дозволиме нови човечки и семејни трагедии.
Да ви посакам во 2021-та да имате здравје вие и вашите најблиски. Ако го сочуваме највредното – здравјето, за сите други проблеми и тежини кои животот секогаш ги носи со себе, ќе бараме решенија и ќе си помагаме едни со други.
Да сте сите живи и здрави и да ни е вечна нашата заедничка држава – Република Северна Македонија!
Comments are closed for this post.