Ако се говори за историја, тогаш треба да се почитуваат сите факти. Бугарија беше на страната на силите на Оската и на крајот прејде на страна на сојузниците, вели поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ во разговор за МКД.мк. Според него, нема ниту една причина сега да се поставува прашањето за македонска нација и македонски идентитет и за прашања кои дефинитивно се решени, кои се апсолвирани.
Како гледате на бугарското вето и нивните барања или услови за Македонија за почеток на преговори со Европската Унија?
Јас сметам дека односот меѓу Бугарија и Македонија, во времето додека Македонија беше во рамките на Југославија, одамна е апсолвирано прашање и дека тука не смее да има никакви проблеми. И сите оние што сега го потегнуваат таквото прашање очигледно можат само да им пречат на односите меѓу Македонија и Бугарија, но и на мирното решавање на проблемите во целиот регион.
Но дали ветото од Бугарија е во склад со европските вредности, бидејќи тие се членка на ЕУ?
Во тоа и е работата, бидејќи ако дефинитивно било решено прашањето за односите меѓу Југославија и Бугарија, а со тоа и на Македонија и Бугарија, мислам дека сега не е ни во европски интерес, ни во интерес на регионот, а на крајот ни во интерес на Македонија ни на Бугарија, да се поставуваат прашања што веќе се решени, кои дефинитивно се решени, кои се апсолвирани.
Што мислите, што добиваат Бугарите со ваквите потези?
Мислам дека тоа повеќе се покренува поради нивните внатрешни прашања, имаат многу работи што не се решени, па наједноставно е да се покрене такво прашање што треба да ја окупира домашната јавност, па да се заборави на она што треба да се решава во сопствената земја.
Кому му одат во прилог тврдењата од Софија дека Коминтерната ја формирала македонската нација, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, освен можеби на создавањето „непријател“ од оваа страна на границата?
Никаква Коминтерна не го создала ниту бугарскиот ниту македонскиот јазик. Бидејќи и едниот и другиот јазик се јазици што ги говорат посебните народи, бугарскиот народ – бугарски, македонскиот народ – македонски. А сличности има. Има и меѓу српскиот и хрватскиот, па Србите го нарекуваат српски, Хрватите – хрватски, Бошњаците – бошњачки, Црногорците – црногорски.
Не гледам ниту една причина сега да се поставува прашањето за македонска нација и македонски идентитет. Македонската нација постои, таа е историски факт и секој што тука нешто проблематизира всушност им штети на односите во цела Европа.
Целото интервју на поранешниот хрватски претседател можете да го прочитате на МКД.мк
Comments are closed for this post.