Опозициската ВМРО-ДПМНЕ само еден ден по исклучувањето на Сашо Мијалков од партијата заради притисоци, уцени, закани и поткуп на пратеници и Никола Тодоров заради изнесување на информации надвор од партијата, како и по разрешувањето на потпретседателот Митко Јанчев и членот на ИК Костадин Богаданов, го прослави Денот на револуционерната борба.
Во МНТ се собра членството, каде што се слушаа и пееа патриотски песни, а лидерот на партијата одржа 40-минутен говор.
Испрати неколку пораки.На пратениците кои гласаа „За“ промена на Уставот им порача:
Ме изневеривте! Ја изневеривте ВМРО-ДПМНЕ! А, најважно од се ја изневеривте вашата татковина Република Македонија! Цел живот ќе ме мачи ова прашање – зошто не издржавте? А, малку фалеше. Само малку фалеше да издржите! Да одговоревте на задачата, да не ја свиткате кичмата, Заев беше готов!
Порака упати и до како што рече секој граѓанин кој е потиштен од оваа ненародна власт:
Ова зло мора да биде поразено и ќе биде поразено. Прашање е само на време.
Упати порака и до интелектуалната заедница, до професорите, до уметниците:
Ви подавам рака. На секој еден од вас. Мора да се бориме заедно, бидејќи ако тоа не го направиме заедно и ќе потонеме. Не седите со скрстени раце, сега е времето!
Но се осврна и на она што ќе следува. Мицкоски очекува да му се местат афери.
Во оваа борба на аргументи и неаргументи, во периодот кој што следува, во следните неколку месеци очекувам да продолжи истата медиумска армадила оркестрирана од еден ист центар со валкање на моето име, и нема да се штедат измислици, и невистини со кои ќе сакаат да ја избришат вистината, па ќе кажуваат дека сум имал вакви или такви бизниси, дека сум земал пари од вакви или такви финансиери, дека сум играл нечесно, дека сум бил происточно ориентиран, и што уште не, па потоа ќе следи друга кампања за тоа како ВМРО-ДПМНЕ е неважно, како Мицкоски е слаб, нема контрола, дека паѓаме дека има вакво или такво крило и така натаму. Забораваат дека Македонија е мало место и се се дознава па и ваквите планови за ширење на невистини, но едно треба да знаат дека тоа нема да не ослаби, туку ќе не направи посилни, уште повеќе мотивирани да истраеме и победиме. Затоа што вистината е нашиот најголем сојузник.
Од говорницата во МНТ опозицискиот лидер им се обрати и на како што рече чесните членови на СДСМ.
Знам дека се чуствувате обесправени, дека голем дел од вас не сте среќни со она што се случува со вашата партија и со нашата земја, и без оглед на се, Македонија ви е најважна. Не можете да сте и вие среќни кога гледате дека колективната несреќа завладува во нашето општество. Треба да го кренете гласот, бидејќи ова не е иднината која ја посакувате, обединете се во нашата заедничка мисија за Македонија, добредојдени сте во отпорот против ова зло, олицетворено во Зоран Заев.
Говорот го заврши со пораката:
Нема време за очајување, Македонија мора напред, со принципи, мудрост и храброст. А, ВМРО-ДПМНЕ од секој предизвик ќе излезе посилна, поцврста и поуспешна.
На прoславата во МНТ не се појавија почесниот претседател Никола Груевски, како и пратениците Илија Димовски, Трајко Вељаноски, Даниела Рангелова и Никола Попоски.
Comments are closed for this post.