Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ, поддржана од многубројни организации, покрена петиција за спас на Преспанско Езеро со конкретни барања до Владата.
Преспанското Езеро е едно од најстарите езера во светот чија старост се проценува на 3 до 5 милиони години. Заедно со Охридското Езеро со кое прави една единствена, неразделна геохидролошка целина, претставува исклучително значаен локалитет во светски рамки истакнат по својот богат биодиверзитет и ендемизам. Преспанското Езеро е заштитено како Споменик на природата (IUCN категорија III; Закон за прогласување на Преспанското Езеро за споменик на природата, Службен весник 51/11), а неговиот северен крајбрежен дел Езерани (површина од 2.800 хектари; се наоѓа на потегот помеѓу селата Сир Хан и Асамати) е прогласен за Парк на природата во 2012 г. (IUCN категорија IV, Службен весник 24/12). Преспанското Езеро се наоѓа на листата на најважни орнитолошки локалитети во Европа од 2008 г., како и на најважни водни живеалишта во светот – прогласено е за Рамсарско подрачје во 1995 г. и е едно од само две во Македонија (според Рамсарската конвенција или позната како Конвенција за водни живеалишта од меѓународно значење). Во 2014 г. УНЕСКО го погласи Охридско-Преспанскиот регион за Прекуграничен биосферен резерват. Преспанското Езеро е дел од Национален парк Преспа во Албанија и Преспа Парк (формиран со заедничка Декларација на премиерите на Македонија, Грција и Албанија во 2000 г.).
Сведоци сме дека во последните неколку децении нивото на Преспанското Езеро драстично се намалува (~8 m) што значи повлекување на езерото од повеќе десетици метри на некои делови. Во моментот, нивото на Преспанско е најниско од кога се вршат мерења (1917 г.) што е цел еден век и состојбата е крајно алармантна! Последиците од оваа состојба врз биодиверзитет и квалитетот на водата се катастрофални и може да бидат неповратни. Причината за ваквата ситуација е сложена комбинација од природни фактори, вклучително климатски промени (суши и покачени температури) и гео/хидролошки промени во подземните карстни канали преку кои водата истекува од езерото, како и антропогени фактори кои главно се однесуваат на користење вода од самото езеро и подземните води од крајбрежниот дел за наводнување, пиење и индустриски цели. Со оглед на повеќегодишниот тренд на деградација и климатската криза кои ќе продолжат во блиска иднина (се проценува дека количината на врнежи на снег и дожд во регионот ќе се намали за 30% до 2100 г.), а може и да се интензивираат, состојбата на Преспанско ќе продолжи да се влошува. Тоа го става во опасност не само опстанокот на Преспанското Езеро, туку и на Охридското, во кое приливот на свежа вода во голема мера (околу 25%) доаѓа директно од Преспанското Езеро.
Преспанското Езеро е заборавено од сите релевантни институции и од ден на ден е во сè полоша состојба. До кога македонските институции, локални самоуправи и засегнати страни индолентно ќе молчат?!
Поради сето горенаведено, бараме од Владата на Република Македонија ИТНО преземање мерки.
1. Бараме итно и неодложно да се прогласи кризна состојба на целото подрачје на сливот на Преспанското Езеро.
2. Бараме најитно формирање научно/техничка комисија за спас на Преспанското Езеро која ќе ја проучи ситуацијата и ќе предложи итни мерки за подобрување на состојбата најдоцна за 10 дена од објавувањето на петицијата.
3. Бараме Владата итно да иницира меѓудржавна средба на експертско ниво заедно со релевантни организации вклучени во Преспанскиот Регион која координирано ќе работи на проблемот.
4. Бараме Владата да дефинира фазен план за спас на Преспанско Езеро со јасно утврдени рокови.
5. Во согласност со начелата од Архуската конвенција преточени во националната легислатива, информациите за планот и сите преземени активности седмично да се ажурираат на веб-страницата на МЖСПП и да бидат лесно достапни за јавноста.
КЛУЧНО е Владата да гарантира неодложно и ефективно спроведување на сите договорени/утврдени активности.
НЕ СМЕЕ заштитата и напорите за унапредување на состојбата на Преспанско да останат на хартија како што е практика во Македонија.
Во светот има повеќе примери од блиското минато за езера кои целосно исчезнале во рекорден рок поради човековата негрижа. Дали Преспанското Езеро е следното? На проблемите на животната средина и сè поголемата закана од неминовниот климатски колапс мора да се одговори СЕГА!
Црвените линии се одамна пречекорени.
Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ
Петицијата ја поддржаа:
Здружение за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.
Еко герила Преспа
Go Green
Еко-свест
УНДП
Зелената арка
Sfera International
ЦЕД Флорозон
Новинари за човекови права
Балканска водна мрежа
Македонско здружение на млади правници
Национален ромски центар
Water4changes
Здружение Достоинствен работник
Фондација за локален развој и демократија Фокус
Рурална коалиција
Зелен институт
Мотиво
ЕД Вила Зора
Натура институт за биолошки и биотехнолошки истражувања
Comments are closed for this post.