Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски денеска активно учествуваше он-лајн на вториот Балкански Форум во Тесалоники заедно со потпретседателот на Европската комисија, Схинас, како и министрите од Грција, Георгиадис, министер за развој и инвестиции, Теодорикакос, министер за внатрешни работи, Пјеракакис, министер за дигитално управување, како и министри од Албанија, Бугарија, Романија и Србија.
Ја поздравувам иницијативата на грчката Влада и поддршката на Европската Комисија, за вмрежување на сите релевантни субјекти од регионот. Овој Форум е одлична можност да разговараме на теми кои што се клучни за развојот на целиот регион. Пред се од аспект на нашите европски перспективи. Соработката, размената на знаење и на искуство и взаемната поддршка се најдобриот начин за зголемување на конкурентските предности на овој регион и за негова целосна интеграција во Европската Унија, рече Милевски.
Тој појасни дека земјава продолжува посветено да работи на градење на мостови на соработка и развој на регионот, според европски правила, со взаемно почитување и со решавање на проблемите со дијалог и соработка.
Со искрена посветеност на Европските вредности и со создавање на услови за подинамичен развој на регионот, ќе создаваме подобри услови за живеење за нашите граѓани. Европскиот простор значи слобода на движење, мобилност и конкурентност, споделување на знаења и искуство како и поддршка за надминување на развојните разлики меѓу земјите и регионите. Благодарение на поддршката на ЕУ преку ИПА Програмата за територијална соработка, Северна Македонија повеќе од една деценија остварува успешна соработка со своите соседи и имплементира заеднички проекти, рече Милевски.
Заменик министерот за внатрешни работи, Теодорос Караоглу изрази благодарност за учеството на Милевски на Форумот и истакна дека Грција ќе ја поддржи земјава да биде членка на Европска Унија.
Би сакал да потенцирам дека со соседната држава Република Северна Македонија заедно сме членки на НАТО, ние сме сојузници и се надеваме дека наскоро ќе станеме партнери, со тоа што Северна Македонија, Србија и Албанија исто така ќе станат членки на големото семејство на Европската Унија. Ние го сакаме тоа, и деклариравме дека Грција ќе ги поддржи напорите вложени од овие три држави да станат дел од големото семејство на Европската Унија. Секако, како што кажавте ние имаме многу заеднички програми, како програмите со проекти за прекугранична соработка, исто така имаме соработки помеѓу двете земји на општинско ниво, универзитетско ниво, и многу други видови на соработки во кои работите се одвиваат многу добро, порача Караоглу.
Темата на овој форум се иновациите во бизнис секторот како клучен предуслов за економски развој. Во тој контекст искучително е важна и улогата на јавниот сектор.
Потребни се иновации во управувањето со јавните работи, иновации во соработката меѓу јавниот и бизнис секторот, иновации во јавниот сектор за создавање на позитивно опкружување за бизнис секторот. Се надевам дека учесниците од шесте земји денеска и утре ќе ги пренесат своите искуства и идеи на најдобар можен начин, истакна тој.
Надлежно за спроведување на Програмата за прекугранична соработка е Министерството за локална самоуправа, особено со Албанија за која претставуваме лидер земја а со останатите соседи партнери. Во актуелниот програмски период заедно со соседните земји се реализирани околу 120 проекти. Тоа значи вмрежување на институции, на организации, на општини, заедничко идентификување на предизвиците и нивно решавање. Резултатот е зголемена мобилност, споделено и акумулирано знаење, градење на заеднички вредности и развирање на свесност дека „заедно можеме да направиме многу повеќе“.
Comments are closed for this post.