Десетина семејства сè уште го крепат сточарството во делчевското село Град. Во моментот бројот на говеда што ги одгледуваат сточарите од овој крај се движи околу 250, од кои најголем дел се крави. Еден од оние што се занимаваат со краварство е и Драги Илиевски, кој е во оваа дејност над 20 години.
– Моментално одгледувам седум молзни крави. Тука се и трите мали јунци и четири телиња. Ова е дејност со која се занимавам помеѓу 20 и 25 години и можам да кажам дека да се биде сточар, не е лошо, но многу е скапо. Тука мислам на храната што ја набавувам за стоката, која е доста скапа. Олеснување имаме во делот на субвенции, кои редовно ги земаме, како и млекото, кое млекарниците редовно го откупуваат, но храната е скапа, вели Илиевски.
За субвенции Илиевски добива три денари од државата, додека млекото моментално му го откупуваат по 18 денари за литар.
– Млекото не е баш многу евтино 18 денари, субвенцијата е три денари. За млекото не може да се пожалиме, редовно го земаат. Неделно произведувам 180 – 200 литри, кои ги откупуваат од млекарницата. Исто така млеко купуваат и роднини и пријатели што сакаат млеко. Исплатата се врши на секои 15 дена, така што во тој поглед сум задоволен, додава Илиевски.
Илиевски чува и останата стока, но како што додава, најголем приоритет му се кравите. Сепак, за сточарството во овој крај вели дека тоа ќе се крепи сè додека има кој да чува.
– Главно земено намалена е стоката, нема кој да чува веќе. Во село Град 250 крави одгледуваме десетина семејства. Селото има 350 жители и, освен сточарството, некогаш значајна гранка беше тутунопроизводството. Од останатите гранки егзистира земјоделството, а од сточарството изразени се подгранките краварство, овчарство и козарство, но од година на година сè помал е бројот на луѓе што одгледуваат крави, овци и кози. Од останатите дејности сливата е доста изразена. Ја одгледуваат неколку луѓе што имаат поголем број садници, но пласманот е тежок, вели Илиевски.
Сточарот од село Град додава дека без разлика кој ќе продолжи да ја води државата по изборите, треба да се поведе поголема сметка за сточарите.
Останатите жители велат дека во селото добро се живее, но мал проблем е инфраструктурата. Во близина на една од селските чешми е урнат мостот, па затоа бараат импровизиран мост да можат да наполнат вода од блиската чешма.
– Има вода на чешмата, но нема мост и луѓето не можат да поминат да си наполнат вода. Имаше еден обичен мост, луѓето минуваа и си полнеа. Но низ годините надојде вода од околните ендеци и тој падна. Преку месната заедница би требало да се реши овој проблем да може да се користи водата, велат жители на селото.
За да ја подобри инфраструктурата во ова делчевско село неодамна градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, најави изградба на три улици за кои се чека одобрување на проектите, а потоа и почеток на градежните активности.
Comments are closed for this post.